Џафери: Опозицијата ја злоупотребува здравствената состојба на пратениците и поставува ултимативни предлози

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска обвини дека опозицијата ја злоупотребува здравствената состојба на пратениците, во услови на Ковид-19, и оти пред него се поставуваат ултимативни предлози што не може да ги прифати. Поради тоа до создавање услови за работа односно мнозинство од 61 пратеник Џафери решил да ја одложи 36. собраниска седница закажана за утре, а на која на дневен ред се и точки поврзани со мерките за Ковид-19.

Џафери на прес-конференцијата, што ја свика по прекинување на средбата со координаторите на пратеничките групи, рече дека двајца пратеници од мнозинството од здравствени причини се спречени да учествуваат на утрешната 36. седница, поради што го поставил прашањето за кворумот. Координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, според него, побарал на седницата да се разгледуваат само продолжување на кризната состојба и трите точки поврзани со мерките за Ковид-19, а не и другите 26. Практично, опозицијата побарала посебна седница само за тие четири точки.

Меѓу точките на дневен ред на оваа седница се закони од петиот сет мерки за справување со Ковид-19: Предлог на закон за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19, за месеците февруари и март 2021 година, Предлог на закон за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здраствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19, заради исплата на платите за месеците февруари и март 2021 година, како и Предлог на закон за изменување на Законот за данокот на личен доход, сите по скратена постапка. Како прва точка на седницата е предложено и продолжување на кризната состојба на јужната и северната граница, за што околу 400 амандмани имаат поднесено опозициските Алијанса на Албанците и Алтернатива, нешто што досега, како што потенцира Џафери, не се случило. На дневен ред на 36. пленарна седница се и интерпелации поднесени од опозоцијата, Предлог законот за поништување на законот за попис на ВМРО-ДПМНЕ и други.

Претседателот на Собранието ги повика на разум пратениците од опозицијата обвинувајќи ги за теснопартиски игри.

-Собранието ниту е на власта ниту на опозоцијата. Законите се во корист на сите граѓани, рече Џафери повикувајќи ги да се вратат на работа бидејќи за тоа се платени, а плата земаат од граѓаните.

Дополнително на оваа ситуација е блокадата предизвикана со мноштвото амандмани над 32.000 за дваесетина закони на Алијанса на Албанците и Алтернатива поради неподдршката на Законот за државјанство од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, на прес-конференцијата Џафери кажа дека дке е „политичка пинг понг“ игра од сите страни без исклучок.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *