„Та неа“: Имињата во нацрт спогодбата се на македонски, без превод и слеано во еден збор

Атина преферира новото име да биде на македонски јазик, непреведено и напишано слеано во еден збор, објавува весникот „Та неа“ во денешната анализа за нацрт спогодбата што Грција ќе и ја достави на Македонија.

Документот изготвен на 20 страници, според весникот, Коѕијас на Ципрас му го доставил минатиот вторник пред патувањето на грчкиот премиер за Брисел за да може главните точки да им ги претстави и на Меркел и на Јункер, јави дописникот на МИА од Атина.

Во грчката нацрт спогодба се содржани четири од петте имиња од почетниот пакет идеи на Нимиц, бидејќи предлогот „Република Македонија – Скопје“ веќе бил отфрлен уште на средбата на Алексис Ципрас и Зоран Заев во Давос.

– Се чини дека Атина преферира новото и постојано име да е напишано на словенски, да биде непреведено, но и еден збор (на пр. Горнамакедонија или Новамакедонија). Клучно за Атина е прашањето за промената на Уставот на Скопје, пишува „Та неа“ во денешното издание и коментира дека Атина бара да има промена на денешното уставно име.

Грција сака и правни гаранции дека некоја идна влада во Скопје нема да се стреми кон промена на Уставот, но и предлага, ратификацијата на договорот во грчкиот парламент да биде по референдумот кај нас.