Медијаторот на ОН во спорот за името Метју Нимиц, по средбите со претседателот Ѓорге Иванов во вилата „Водно“ и со премиерот Зоран Заев во Владата, попладнево пристигна во МНР на разговори со шефот на дипломатијата Никола Димитров.
Предвидено е, Нимиц и Димитров по средбата да дадат изјави за медиумите.
Медијаторот потоа заминува во Собранието на средби со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, Христијан Мицкоски и Али Ахмети.
Метју Нимиц во Скопје дојде вчера, по посетата на Атина каде што имаше средби со грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас и со Јоргос Кумуцакос, одговорен за надворешна политика во опозициската Нова демократија.
Веднаш по пристигнувањето, само кусо порача дека „по Атина очекува добри разговори и во Скопје“.
– Имавме добри средби во Атина. Се надеваме дека ќе имаме добри средби и тука. Се радувам на средбите со Владата и со другите лидери, изјави посредникот Нимиц по пристигнувањето во Скопје.