Спасовски: Државата треба да обезбеди програми за ресоцијализација на поранешни затвореници

Полицијата е должна да се грижи за безбедноста, редот и мирот на граѓаните во државата, а и државата е должна да обезбеди посебни механизми, програми за ресоцијализација на поранешни затвореници.

Ова денеска во Куманово го изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање дали полицијата ќе ги следи затворениците кои сега се ослободени, за да не ги повторат делата кои ги извршиле.

– Полицијата нема надлежност да следи граѓанин кој е надвор од казнено-поправната установа, за тоа има други установи, меѓу нив и казнено-поправните установи во РМ, нивниот назив укажува дека тие таму треба да се социјализираат, ресоцијализираат, да го сменат своето поведение. Секако, дека државата треба да предвидува посебни механизми и програми кои што овој сегмент ќе биде посебно значаен, да се ресоцијализираат и вратат овие луѓе во нормален живот. Полицијата е должна да се грижи за редот, мирот и безбедноста на граѓаните без разлика за кој граѓанин станува збор, изјави министерот.

Во врска со прашањето дали во ОТА е предвидено да има заменик-директор, министерот рече дека законот е во процедура и врз основа на дебатата која ќе се води во Собранието, ќе се донесе финалната верзија на Законот.

Спасовски денеска во Куманово присуствуваше на промовирањето на позорникарската служба во градот, во рамки на која ќе има 70 реонски полицајци.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *