Градоначалникот на Охрид не знае колкав е долгот на општината

Финансискиот долг на општина Охрид е пресметан, но се уште се водат преговори со доверителите за тоа дали може да се отпишат дел од побарувањата, изјави денеска охридскиот градоначалник Јован Стојаноски, прашан за задолжувањето на општината, не наведувајќи притоа колкав е долгот на градот.

Нагласи дека наскоро администрацијата, согласно својата определба за транспарентно и отчетно работење, ќе презентира многу аспекти на проблемот околу долгот.

Стојаноски рече дека станува збор за најгорливо прашање исправено пред општината, комплексен проблем на кој новата администрација ќе мора да потроши најголем дел од мандатот и многу енергија.

– Општината Охрид не знае што е нејзин имот. Жално е што во билансната состојба на општината многу од имотот не е евидентиран. Дури и ова зграда на општината не е евидентирана. Тоа е принцип на недомаќинско работање, градот не знае што спаѓа во негов имот, не се знаат сите побарувања на граѓаните. Третиот проблем се материјалните долгови, рече Стојаноски.

Притоа тој посочи дека секој ден по основ на камати од претходни долгови задолжувањето на општина Охрид расте за десет илјади евра дневно. За споредба, администрацијата на неговиот претходник своевремено изнесе цифра од раст на долговите на општината од над 14 илјади евра дневно.

– Станува збор за недомаќинско работење низ минатото. Не е само финансискиот долг проблем. Често во секторот за урбанизам се цртаат планови за реализација на активности, а општината треба да направи соодветна инфраструктура. Со надоместокот на фамозните комуналии општината не успева да ги покрие трошоците. Тоа е системски проблем што генерира загуби, кој се додека не се реши ќе ја оптоварува општината, рече меѓу другото тој.

Стојаноски уште посочи дека тука се и материјалните долгови, односно зафати што општината ги најавиле и планирала, а не ги извела во минатото, така што тие остануваат тука во вид на метаријални задолжувања.

– Финансиската и материјалната ситуација во општината е клучно прашање, очекувам од граѓаните да имаат трпение, да дадат време и мир на админситрацијата да ги решава проблемите и да создаде услови за експанзија, рече тој.

Задолжувањето на Општина Охрид по правило веќе неколку изборни циклуси се користи за меѓупартиски обвинувања како предизборен маркетинг, а притоа со години наназад како од ракав се делат цифри во милионски суми евра за тоа колкав е всушност долгот на градот.

Пред да го добие вториот градоначалнички мандат тогашниот прв човек на Општината Александар Петрески зборуваше за долг од некаде шест милиони евра, за после истекот на неговиот мандат четири години подоцна неговиот противкандидат Никола Бакрачески во текот на предизборната кампања да спомене цифра од некаде 17 милиони евра.

По завршувањето на изборите и освојувањето на мандатот, администрацијата на Бакрачески во неколку наврати ја зголемуваше сумата на износот на долгот, која во одреден период достигна фантастични 50 милиони евра.

Иако во неколку наврати општина Охрид и од централната власт беше посочувана како најзадолжена општина во земјата, никогаш не беа изнесени конкретни бројки за тоа колкаво е всушност задолжувањето на општината, заедно со долговите на општинските јавни претпријатија.

Независно ветувањата на партиите во предизборните кампањи за утврдување на задолжувањето граѓаните на Охрид се уште не знаат колкав е долгот на општината што отвара простор за шпекулации, па и оправдани сомневања за можни злоупотреби.