Отворен Почесен конзулат на Република Словенија во Кавадарци

Почесен  конзулат на Република Словенија во РСМ, беше отворен дрнеска во Кавадарци, а за почесен конзул е именуван стопанственикот Александар Гечев.

Гечев рече дека идејата за отварање на Конзулатот дошла како резултат на успешната инвестиција на кавадаречката компанија ИГМ-трејд во Словенија, каде тој е дел од сопственичката структура на компанијата. Тој појасни дека станува збор за најголема македонска инвестиција во Словенија од 40 милиони евра, годишни приходи од 50 милиони евра и 100 нови вработувања. Нагласи дека планираат и нови, уште поголеми инвестиции во таа земја. Од друга страна, додаде, на македонскиот пазар присутни се словенечки компании од повеќе области, меѓу кои и винарството.

-Ќе се залагам првенствено за продлабочување на соработката помеѓу стопанственици од двете земји. Целта е овозможување нови инвестиции во двете насоки, рече меѓу другото тој.

Големо внимание, нагласи, треба да се посвети и на промоција на винарството и винскиот туризам кои се особено значајни за Тиквешкиот регион. Како конкретни задачи на конзулатот ги нагласи зголемување на бројот на словенечки туристи, размена на искуства со осврт на искористување на ЕУ – фондови. Потсети дека над илјада маједонски студенти студираат на универзитети во Словенија.

Амбасадорот на Словенија во РСМ, Милан Јазбец рече дека е ова голем ден за сите, празник за сите. Појасни дека ова е втор почесен конзул во земјава, а изборот на Гечев бил поради успешната стопанственичка  природа.

Јазбец изрази надеж дека РСМ ќе добие датум за почеток на преговори со ЕУ.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев се заблагодари на Република Словенија како наш голем пријател, за лобирањето да се добие датум за почеток на преговори со Унијата. Потсети дека Словенија има многу инвестиции во земјава, но има и наши компании инвеститори таму, како ИГМ.

-Би се радувал што повеќе наши компании да инвестираат во други држави, нагласи тој.