Делегација на Собранието на Република Северна Македонија, предводена од претседателот Талат Џафери од денеска до 17 октомври ќе учествува на 141. Собрание на Интерпарламентарната унија, што ќе се одржи во Белград.
Во делегацијата се пратениците Диме Велковски, Јован Митрески, Димитар Стевананџија, Агим Шаќири и Јулиана Николова и генералниот секретар на Собранието, Цветанка Иванова. Се очекува на Собранието на Интерпарламентарната унија да учествуваат околу 1.700 претставници од повеќе од 140 земји – членки на Унијата, како и повеќе од 70 претседатели на парламенти.
Главна тема за дискусија на 141. Собранието на Интерпарламентарната унија е „Зајакнување на меѓународното право: парламентарни улоги и механизми и придонесот за регионална соработка“. Комисиите на Интерпарламентарната унија ќе дискутираат за бројни прашања од нивната надлежност, меѓу кои: парламентарни стратегии за зајакнување на мирот и безбедноста во пресрет на предизвиците и конфликтите што произлегуваат од климатските катастрофи и нивните последици; актуелизирање на дигитализацијата и циркуларната економија за постигнување на целите за одржлив развој, одговорна потрошувачка и производство; постигнување на универзално здравствено покривање до 2030 година – улогата на парламентите за гарантирање на правото на здравје; криминализација на перењето на пари; унапредување на родовата еднаквост, зајакнување на моќта на младите…
Во рамките на 141. Собрание ќе биде одбележана 130-годишнината од формирањето на Интерпарламентарната унија и 70-годишнината од Женевските конвенции. Седници ќе одржат „Форумот на жени парламентарки“, „Форумот на млади парламентарци“ и „Здружението на генерални секретари на парламенти“, а предвидени се и бројни билатерални средби на членовите на делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија.