Министерката Ангеловска меѓу седумте жени-амбасадори на дигитална трговија на ОН

Министерката за финансии Нина Ангеловска е една од седумте жени претприемачи во светот, избрана за „Жена-амбасадор на е-трговијата“ од страна на Обединетите нации. Во рамки на 74-то Генерално Собрание на ОН, кое ќе се одржува од утре до 26 септември во Њујорк, Ангеловска ќе биде промовирана како една од првите „жени-амбасадори на е-трговија“.

Како што соопшти владината прес-служба, станува збор за уникатно признание кое го доделува телото на ОН за трговија, инвестиции и развој УНКТАД (Конференција на ОН за трговија и развој), во рамки на иницијативата „Е-трговија за сите“.

Жените-амбасадори на е-трговија ќе им се придружат на светските лидери во разгледувањето на досегашните резултати од имплементацијата на Агендата 2030 – Цели за одржлив развој на Обединетите нации и ќе дискутираат за унапредување на оваа агенда.

Од УНКТАД иницијативата – „Е-трговија за сите“ истакнуваат дека „супер седумката“ е избрана со цел да се поттикнат и инспирираат жените во светот да преземат иницијативи и да ги искористат предностите кои ги носи глобалната дигитална економија, која е во постојан развој. „За забрзување на економскиот раст и намалувањето на сиромаштијата во земјите во развој, потребно е да се искористи позитивното влијание на дигиталната технологија во комбинација со трансформативната моќ на претприемништвото кај жените, се вели во објавата на УНКТАД.

Покрај министерката Ангеловска, која ова признание го добива како коосновачка на Групер.мк, првата дигитална платформа за е-трговија од овој тип во Република Северна Македонија, останатите избрани „амбасадорки на е-трговија“ се: Ксиаофеи Јао од Кина, основачка и извршна директорка на Rogrand, Клаудија де Хередиа од Мексико коосновачка и оперативна директорка на Kichnik, Хелианти Хилман од Индонезија, основачка и извршна директорка на Javara, Назанин Данешвар од Иран, основачка и извршна директорка на Takhfifan и Кларис Ирибагица од Руанда, основачка и извршна директорка на DM.HeHe.

– Веќе неколку години наназад придонесот и работата на Ангеловска е препознаена низ светот. Меѓу позначајните меѓународни признанија е и признанието од Форбс кој ја вброи во листата на 30 најуспешни и инспиративни млади лидери под 30 години во Европа во категорија „е-трговија и малопродажба”. Ангеловска е единствена од Европа која сега го добива признанието од УНКТАД вбројувајќи ја во седумте одбрани жени-амбасадори, наведува Владата во соопштението.

Инаку, целта на иницијативата на УНКТАД – „е-трговија за сите“ е да придонесе во креирањето  политики во националните и меѓународните дијалози во насока на еманципација и развој на способностите на следната генерација на жени-претприемачи. Таа е предводена од УНКТАД, а поддржана и од владата на Холандија.