Финализира изградбата на детската градинка во штипската населба „Сењак“

Финализира изградбата на новата детска градинка во штипската населба „Сењак“, во којашто ќе се згрижат 200 деца , со што Штип ќе го реши проблемот со листата за прием на дечиња во градинките.

Увид во градежните работи во новата градинка денеска извршија мМинистерот за локална самоуправа, Горан Милевски и градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски. Изградбата на овој капитален објект е предвидено да чини околу 52 милиони денари, од коишто Министерството за локална самоуправа и Бирото за рамнорен регионален развој инвестираат 30 отсто од средства или 16 милиони денари, додека останатите средства се инвестиција на Општина Штип. Во реализацијата на проектот е вклучено и Министерството за труд и социјална политика, коешто си зеде за обврска да внатрешно да ја опреми градинката.

-После неколку децении ова е првата нова детска градинка што се гради во центарот на Источниот плански регион. Градиме инфраструктура со план, она што им е потребно на граѓаните. Во 2019 година ги дуплиравме средствата за рамномерен регионален развој. Од оваа Програма во овој регион се финансираат вкупно 14 проекти за развој на регионот, селата и специфичните подрачја, во вкупна вредност од 49 милиони денари, рече Милевски.

Градоначалникот на Општина Штип, Бочварски забележа дека новата градинка ќе биде според сите стандарди, а во неа ќе се згрижат околу 200 дечиња, но и дополнително ќе се вработат нови воспитувачки и технички кадар. Новата градинка е на површина од 1.600 метри квадратни и се наоѓа во населбата „Сењак“, кон којашто гравитираат и населбите „Дузлак“, „Автокоманда“, „Дузлачки рид“, „Света Недела“.

-Јас можам да кажам дека пред една година овде имаше голо земјиште денеска гледаме веќе речиси завршен објект со поставување на финалните елементи внатре и нашите очекувања се дека во текот на наредните два до три месеци објектот ќе биде финализиран со опрема, за да може конечно да ги очекуваме и првите дечиња да почнат да го посетуваат овој објект. Најважно од се е што Штип ќе биде првиот град, којшто ќе го реши проблемот со листата за прием на деца во градинките, вели Бочварски.

Веднаш до градинката во населбата „Сењак“се градат и нови станбени згради, со што ќе биде и големо олеснување за младите брачни парови, кои мора да го решат проблемот со згрижување на своите деца. Новата градинка е објект кој ќе биде комплетно енергетски ефикасен, а во меѓувреме во останатите градинки се инвестираше во нови кујни, инвентар и на дел на кровни конструкции.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *