Здружението „Анима Мунди“ преку писмено соопштение до медиумите информираат дека стационарот за бездомните кучиња во Штип е „времено“ вон функција, откако, како што велат почнале кучињата да умираат од топлотен удар.
–Тоа е онаа страотна смрт од комплетна дехидрација, изнемоштеност, дезорјентираност, гушење, откажување на виталните органи – кај некое побргу, кај некое поспоро. Низ пекол минуваат живо тните! Ги прашуваме, ве изненади ли тоа, по сите укажувања кои ги добивте дека условите не се адекватни ниту за камили во лето?, се вели во соопштението од „Анима Мунди“.
Бараат одговорност од концесионорот и од градоначалникот на Општина Штип.
Тоше Ѓеоргиев вработен во Општина Штип и надлежен за стационарот остро реагираше и демантира дека стационарот за бездомни животни е затворен.
-Општина Штип го нема затворено стационарот, ниту има намера да го затвори. Поради колективниот годишен одмор во Ветеринарната станица нема секојдневно да се заловуваат кучињата скитници низ улиците, додека оние коишто се згрижени во стационарот, таму и ќе си останат и ќе си има вработени, коишто се грижат за нив, вели Ѓеоргиев.
Тој ги покани медиумите да дојдат на самото место и да видат дека стационарот работи и во него има згрижени животни.