Спасувачка екипа на велешкото езеро „Младост“

Здружението за безбедност на вода и планина „Македонски спасител“ веќе осма година за викендите и сите празници има дежурна спасувачка екипа на Велешкото Езеро „Младост“. Благодарение на нивната хуманост и волонтерство, а со мала финансиска поддршка на Општина Велес, за разлика од од порано кога во водите на езерото се случуваа немили инциденти со давења  и човечки  жртви, во изминативе осум години од кога тие го обезбедуваат езерото, бројот на жртви во водите на  езерото е сведен на нула.

Како што информира за МИА, Ангел Пановски од спасителната екипа на „Македонски спасител“ тие како спасителна екипа со двајца – тројца спасители ги обебедуваат водите на езерото „Младост“ од 2012, на таканаречената Спасителна плажа која е најпосетена и најомилена за велешани и бројни посетители од Скопје и други градови.

-Лоцирани сме на спасителната кула која за оваа намена ја изградивме од дрво во 2011 година. Ги опоменуваме несовесните пливачи, внимаваме на почетниците и непливачите. Работата е напорна и бара голема присебност и  внимание, затоа што во деновите за викендите и празниците оваа плажа е полна со посетители кои дошле да се разладат во водите на езерото, потенцира Пановски.

Тој информира дека за нивната работа во сите  изминати години имале разбирање и поддршка од Општина Велес. Појаснува дека им е најавена и ја очекуваат нивната поддршка и за овогодинешната хумана спасителна работа која ја започнаа на 6 јули и ќе ја  работат до крајот на летната сезона до 31 август.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *