Сетот закони за реформи во безбедносно разузнавачкиот систем кои се спроведуваат согласно препораките на Прибе, со акцент на реформирање на системот за следење на комуникациите, помина денеска на собраниската Комисија за одбрана и безбедност. Членовите на комисијата се согласија сетот закони да оди на натамошно читање во собраниската процедура, но на седницата не присуствуваа пратениците од опозицијата.
Поминаа Предлог-законот за формирање на оперативно техничката агенција и Предлог-законот за следење на комуникациите.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасоски пред членовите на Комисијата напомена оти е потребно да се донесе нов закон за следење на комуникациите наместо да се менува сегашниот, со цел да се спроведат суштинските реформи за спречување на сите обиди за масовно прислушување, како што имаше случај во минатото и во кое беа вмешани високи структури на државната власт.
Новина во Законот за следење на комуникациите, појасни Спасовски, е зајакнување на системот за контрола на следење на комуникациите во кој освен Собранието ќе бидат вклучени и Дирекцијата за заштита на лични податоци, Дирекцијата за класифицирање информации, Народниот правобранител и Советот на граѓани.
Министерот истакна дека Советот на граѓани кој е новина во законското решение ќе претставува будното око на граѓаните во процесите на прислушување, кои, како што појасни, се спроведуваат врз основа на два принципа, во случај на заштита на уставниот поредок и при борба против организиран криминал и корупција. Советот ќе може преку Собранието да иницира постапки за контрола секогаш кога ќе има сомнеж дека постои нелегално прислушување.
Фросина Ташевска Ременски додаде дека новина во законот е формирање на систем за електронски регистар, но и дефинирање на опремата за следење на комуникациите.
Со посебен закон, како што појасни Спасовски, се уредува формирањето на ОТА, новиот орган кој ќе претставува медијатор во процесот на прислушувањето меѓу операторите и корисниците на следењето на комуникациите.
– Главен проблем, главните забелешки досега во однос на работењето на УБК беа медијациските уреди, односно каде тие се наоѓаат, рече Спасовски и дополни дека со реформите тие ќе бидат префрлени во новоформираната агенција.
Од самиот старт има двојна контрола, меѓусебно ќе контролираат ОТА и корисникот на следењето, рече Спасовски.
На чело на ОТА ќе има директор и заменик директор кој ќе ги избира Собранието преку Комисијата за избори и именување.
Во однос на забелешката дека всушност сега УБК ќе се префрли во ОТА, Спсасовки посочи дека најмногу седум луѓе од УБК ќе може да се трансферираат во новоформираната агенција.
На денешната седница помина и Предлог-закнот за дополнување на Законот за класифицирани информации.
Потребите од дополнувањето што е во рамки на реформите во прислушувањето го образложи министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Таа рече дека направно е дополнување на членот 51 од Законот со што се овозможува постапката за безбедносна проверка од трет степен за лицата назначени во надзорните тела кои вршат надзор врз спроведувањете на мерките за следење на комуникациите, како и за ангажираните акредитирани национални и меѓународни технички експерти од тие тела, да трае еден месец од денот на поднесувањето на барањето.
Со дополнувањето, истакна Шекеринска, се предвидува и безбедносната проверка од втор степен за лицата пред засновање на работен однос во ОТА да трае еден месец од денот на поднесувањето на барањето.
Членовите на Комисијата ги поддржаа предлог-законите со кои се врши измена во контролата на работата на полицијата, но и условите и начините на кои полициските работници смеат да употребуваат сила.
Поминаа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за полиција, со кој меѓу другото се дефинира начинот, условите и ситуациите за употреба на електричниот парализатор и гумените куршуми, а со цел да се стави под контрола примената на средствата за присилба од страна на полицајците.
Членовите Комисијата за одбрана на натамошно читање ги дадоа и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи со кој се воспоставува надворешен механизам за контрола на работата на полицијата, како и Предлог-законот за изменување и дополнување во Законот за полиција поврзана со контролата.