На Македонија повторно се гледа како на добар пример, со што се создава позитивна атмосфера во Европската Комисија. Земјата треба да се фокусира на реформите. Ова го изјавил Жан-Кристоф Белијард политички директор во службата за надворешна политика на Унијата, кој денеска предводеше делегација од ЕУ на средба со министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Како што соопшти Министерството за одбрана, на средбата на која присуствуваа и Ангелина Ајхорст, директор за Западна Европа, Западен Балкан и Турција, како и евро-амбасадорот Самуел Жбогар, беше заклучено дека е забележан прогрес во реформите и дека Балканот е повторно во фокусот на Европската Унија.
– Владата на Република Македонија, заедно со Собранието и другите институции сме фокусирани на реформите од програмата 3-6-9. Ние цврсто веруваме дека враќањето на земјата на патот кон интеграцијата во Европската Унија и НАТО ќе придонесе за домашната и регионалната стабилност и за овие процеси очекуваме поддршка од Европската Унија, рече министерката Шекеринска.
Политичкиот директор Белијард истакна дека новата позитивна атмосфера е јасно видлива и дека има повеќе елементи кои ќе му помогнат на Балканот како целина, а еден од нив е и претседателството на Бугарија со Унијата.
Министерката го посочи и фактот дека во Македонија постои целосен консензус околу интеграцијата во НАТО и во Европската Унија и дека кога граѓаните и институциите гледаат дека регионот се враќа на агендата на ЕУ, расположението за реформи е многу посилно.
Шекеринска, се наведува, додаде дека Македонија сака да биде дел од европските одбранбени програми и дека Министерството е посветено на одбранбените реформи и изработката на клучни документи како Стратегискиот одбранбен преглед, но и на регионалната соработка и придонесот кон мирот и безбедноста преку учество во мисиите на НАТО, ЕУ и на Обединетите Нации.