Националниот совет на Независни Грци ја потврди позицијата против терминот Македонија

Независни Грци не отстапуваат од нивната позиција против употребата на терминот Македонија за нашата земја. Ова, уште еднаш, како што јавува дописникот на МИА од Атина, беше потврдено на вчерашниот состанок на националниот совет на партијата, коалиционен партнер во грчката влада.

– Националниот совет едногласно ја потврди цврстата одлука на Независни Грци во однос на скопското прашање, како што беше изразено на првиот и третиот конгрес на партијата, за неупотреба на името Македонија и изведените зборови, соопштуваат од партијата.

Одлуката беше донесена по барање на претседателот на Независни Грци, кој на почетокот на состанокот им се обрати на присутните.

Како што објави вчера МИА, Панос Каменос, во неговиот говор на неколку пати повтори дека Македонија е една и грчка, а како прифатливо решение го предложи името Вардарска, кое, го изговори исто како што се изговара на македонски, а го спомена без никаква придавка или додавка. Рече дека партијата не прифаќа „грчкиот термин Македонија“ да биде вклучен во името и објасни дека грчки термин Македонија е, како што рече, и New Македонија и Upper Македонија и Долна Македонија и Горна Македонија.

Панос Каменос повтори дека има доверба во шефот на грчката дипломатија, а на членовите на Националниот совет им откри каков ќе биде ставот на партијата во случај на договор за името.

– Ние, Независни Грци, се обврзуваме дека од една страна ќе го поддржиме владиното мнозинство, но ако постои решение за кое ние не се согласуваме, ќе побараме свикување на советот на лидери на политичките партии, а и таму официјално ќе кажеме дека не се согласуваме со било кое име што го содржи терминот Македонија, рече Каменос, пренесува МИА.

Овие ставови на коалициониот партер во владата, според грчкиот весник „Нафтемборики“, не предизвикуваат загриженост кај грчката влада. Владини извори за весникот, изразиле убеденост дека евентуалниот договор за името, дури и да не постои поддршка од Независни Грци, ќе помине во грчкиот Парламент, со поддршка од опозициските партии.

Истите извори за весникот не ја исклучиле можноста за свикување лидерска средба, но потенцирале дека „таков состанок ќе има смисла само ако постои клима на консензус, а не да се стигне до ќор-сокак“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *