Научен собир за писателот Видое Подгорец во Струмица

По 15 години во Струмица е обновен научниот собир за книжевната оставнина на познатиот писател за деца Видое Подгорец. На собирот учествуваа писатели, литературни критичари и професори од македонските универзитети.

Според писателот за деца Киро Донев, на Подгорец не му е дадено вистинското место во литературата.

– Тој е еден од нашите најплодни автори. Има објавено 108 дела од сите жанрови, не само за деца, туку и за возрасни. Иако манифестацијата се одржа првпат во 2002 година, овојпат како да воскреснува повторно, бидејќи му се дава значење на неговото творештво, рече  Донев.

Организаторите сметат дека Видое Подгорец не е соодветно третиран од научната јавност и поради тоа е потребно подлабоко навлегување во неговото дело.

– Исто така, сметаме дека 85-годишнината од неговото раѓање е навистина преубав повод за да му дадеме посебно значење, односно да почнеме да го разоткриваме и од научна страна, која досега беше маргинализирана, рече Ана Витанова-Рингачова од Здружението „Средби под јаворите – Видое Подгорец“.

Научниот собир „Книжевната оставнина на Видое Подгорец – влог во издигнувањето на свремената македонска литаратура во национален и меѓународен контекст“ го отвори градоначалникот на  Струмица, Коста Јаневски.

Научниот собир е во рамки на манифестацијата „Средби под јаворите – Видое Подгорец“ која почна вчера и се одржува во Струмица и во село Колешино, родното место на Видое Подгорец.