Протест на сопственците на педалинки во Струга, општинската инспекција спроведува акција за нивно отстранување од плажите

Комуналната инспекција во Општина Струга со механизација и полициска асистенција денеска се обиде со да ги отстрани педалинките од плажите на струшкото крајбрежје на Охридското Езеро. Сопствениците на педалинките откако пристигна механизацијата и полицијата едноставно ги турнаа педалинките во вода што ја одложи акцијата на инспекцијата.

Фактичката ситуација со педалинките во Струга е последица на неколку одлуки донесени од надлежните институции. Државата најави повторно преземање на ингеренциите врз плажите на Охридското Езеро односно ресорното Министерството за транспорт и врски, но се уште не е донесен законот, што доведе до ситуација да не бидат продолжени договорите за закуп односно концесии на досегашните закупци. Тоа значи дека трета година заупците стопанисуваат со плажите на езерото без склучени договори за концесија. Општина Струга не сака да даде одобрение за педалинките поради неколкуте несреќни случаи од изминатиот период во кои имаше и човечки жртви. Ситуацијата дополнително се усложни откако Советот на општината не ја прифати предлог-одлуката за забрана за паркирање пловни објекти на струшкото крајбрежје, која што беше на сила минатата година. Во такви околности сопствениците сметаат дека немаат правна забрана за да ги поставуваат педалинките на плажите, односно да ги издаваат истите.

Според комуналната инспекција, сопствениците на педалинките немаат соодветна дозвола за да поставуваат на плажите како урбана опрема, ниту пак поседуваат одобрение за работа така што истите мора да бидат отстранети.

– По наредба од Градоначалникот сме тука на лице место да утврдиме фактичка состојба. Оние кои имаат одобрение за работа нека останат, останатите ќе мора да ги отстранат педалинките. Ниту еден од субјектите нема дозвола за работа, ниту дозвола за поставување урбана опрема, ниту пак поднеле барање до надлежите општински институции, изјави Алијет Амер, комунален инспектор при Општина Струга.

Самите сопственици на педалинки од своја страна тврдат дека им е дозволено да работат на плажите затоа што моментално тие не се издадени под концесии, уште повеќе сметајќи дека нема општината право да ги спречува да ги поставуваат на плажите затоа што Советот на Општината неодамна не го прифати предлогот на градоначалникот за забрана за паркирање пловни објекти на градските плажи.

Одлуката на Советот да одбие да ја прифати забраната, тие сметаат дека им дава право да ги поставуваат педалинките на јавните површини долж крајбрежјето. Се жалат дека постојано се тормозени од инспектори, им биле оштетувани и опожарувани педалинките, дури обвинувајќи дека добивале и физички закани.

– Ние бараме да се почитува одлуката на Советот, што значи дека оваа година нема забрана за педалинки, изјави Мимоза Мојсоска, сопственичка на педалинки.

Тие тврдат дека поднеле барања за дозвола, но од градоначалникот им било потенцирано дека нема да добијат дозвола за работа на плажите. Иствремено бараат нивните педалинки да бидат третирани како пловни објекти, со идентичен статус како кајчињата и другите пловни објекти на езерото.

Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко во изјавата дадена за медиумите рече дека оваа година нема да има педалинки на струшките плажи, со образложение дека сопствениците немаат никаква дозвола, ниту за извршување стопанска дејност, ниту за пловни објекти, ниту за урбана опрема, ниту пак ги исполнуваат безбедносните стандарди.

– Ниту еден од нив нема поднесено барање за поставување урбана опрема, ниту пак ќе добијат поради тоа што не исполнуваат ниту еден предуслов за стопанската дејност што ја вршат. Ниту се регистрирани, ги претоваруват педалинките, се кријат кога ќе се случи несреќа како минатите години, со изговор дека не се педалинките нивни, рече Мерко.

На струшкото крајбрежје има десеттина сопственици на околу 90 педалинки кои, како што самите велат, се обидуваат на тој начин да обезбедат егзистенција. Изминатите неколку сезони имаше повеќе случаи на давење на лица токму од изнајмени педалинки, што според сопствениците на угостителски објекти и хотели, како и според општинските власти, негативно влијае врз сликата што градот ја остава пред туристите.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *