Рикер и Џонсон: Храбрите чекори на Северна Македонија заслужија да бидат наградени веднаш

Храбрите чекори на Северна Македонија заслужија да бидат наградени веднаш, истакнале помошник државниотн секретар на САД, Филип Рикер и сенаторот Рон Џонсон на денешната средба со министерката за одбрана Радмила Шекеринска во Братислава.

Американскиот помошник државен секретар, Рикер, добар познавач на Балканот и поранешен амбасадор на САД во нашата земја, ја потенцирал поддршката на САД на европската перспектива на нашата земја.

-Северна Македонија со своите решителни чекори и храбри решенија заслужи членство во НАТО и јасна европска перспектива, истакнал Рикер и најавил дека САД се активни во разговорите со европските сојузници околу потребата за позитивна реакција и од ЕУ на покажаниот успех.

Рикер изразил надеж дека летово Северна Македонија ќе добие позитивен одговор од Европскиот совет, односно отворање на преговорите со ЕУ.

Сенаторот Џонсон ја поздравил и поддршката на граѓаните за храбрите чекори на Владата и најавил дека очекува брзо и ефикасно заокружување на процесот за ратификација на протоколот за членство на Република Северна Македонија во американскиот сенат. Севкупниот процес на ратификација, посочил тој, е на брза трака и очекуваме да се заврши успешно до крајот на годината.

Министерката Шекеринска изразила заблагодарност за поддршката од САД како стратешки партнер на државата.

-НАТО навистина го одржа зборот. Имаме брз и ефикасен процес, ратификациите се одвиваат одлично. Се надевам дека Европската Унија ќе го следи овој пример и ќе ги почне преговорите. Членството во НАТО и почетокот на преговори со ЕУ беа главните мотиви за решенијата на проблемите кои стоеја на патот кон овие стратешки цели, посочила минситерката.

Средбите со помошникот државен секретар Риклер и сенаторот Џонсон беа одржани на маргините на форумот ГЛОБСЕК во Словачка, каде се дискутираше за иднината на ЕУ и НАТО.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *