Со нетрпение ја очекуваме Северна Македонија како 30-та членка на Северноатланстаката алијанса, порача генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на синоќешниот прием во Собранието што за него и за 29-те амбасадори на Алијансата, го приреди собранискиот спикер Талат Џафери.
– Наскоро, кога процесот на вашето пристапување ќе биде завршен, со нетрпение ќе ја пречекам Северна Македонија како триесеттата членка на нашата Алијанса. И да го видам вашето знаме развеано пред нашето седиште во Брисел, како и во нашите мисии и операции насекаде низ светот, рече Столтенберг.
Тој и честиташе на Република Северна Македонија за успесите што ги постигна изминатиот период на патот кон евроатланските интеграции, за храброста и решителноста да го реши проблемот со името, кој ја кочеше нашата земја премногу долго. Оцени дека придобивките за Република Северна Македонија од зачленувањето во НАТО се веќе очигледни, инвестициите оваа година се зголемени за три пати, а државата веќе учествуваше на состаноците на министрите за одбрана и за надворешни работи на земјите членки на НАТО, што се одржаа во февруари и во април оваа година.
-Нашата Алијанса се грижи за безбедноста на луѓето, но и за почитување на нашите вредности – слобода, демократија и владеење на правото. Во 1949 година, министрите за надворешни работи од дванаесет земји го потпишаа Договорот од Вашингтон. Наскоро, кога процесот на вашето пристапување ќе биде завршен, со нетрпение ќе ја пречекам Северна Македонија како триесеттата членка на нашата Алијанса. И да го видам вашето знаме развеано пред нашето седиште во Брисел, како и во нашите мисии и операции насекаде низ светот, порача Столтенберг.
Претседателот на Собранието Талат Џафери, во поздравното обраќање изрази задоволство што е домаќин на Северноатлантскиот совет, што за нашата држава претставува своевидно признание и потврда дека заслужено стануваме членка на НАТО Алијансата.
-Свесни сме дека членството во НАТО е динамична категорија која носи многу предности и придобивки, но во исто време, налага и многу обврски. Зачувувањето на мирот и безбедноста на глобално ниво, справувањето со сите предизвици кои го загрозуваат мирот, почитувањето на човековите права и слободи, парламентарната демократија и владеењето на правото, сѐ се тоа вредности врз кои почива НАТО Алијансата и кои се обврска на секоја земја членка. Република Северна Македонија верува во овие принципи и во оваа пригода, сакам јавно да нагласам дека, како полноправна членка на НАТО, посветено и одговорно, како и досега, ќе продолжиме во остварувањето на овие темелни вредности и принципи кои не обединуваат со сите земји членки на НАТО, порача Џафери.
На приемот во Собранието присуствуваа и претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, како и претставници од дипломатскиот кор во земјава.
Високата делегација на НАТО ја пречекаа и потпретседателите на Собранието, Фросина Ташевска Ременски, Горан Мисовски и Весел Мемеди, координаторите Јован Митрески, Ејуп Алими, Никола Мицевски и Елизабета Канческа Милевска, како и пратеници од повеќе парламентарни партии.
Делегацијата од Владата ја сочинуваа и заменик претседателката на Владата и министерка за одбрана Радмила Шеќеринска, заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи, заменик претседателот на Владата и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, заменик претседателот на Владата одговорен за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за надворешни работи Никола Димитров, министерката за правда Рената Десковска, министерот за финансии Драган Тевдовски, како и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, соопшти собраниската прес служба.