Две години Влада, сработено, критики, планови

Поголема одговорност, продолжување на реформите, заокружување на евроатлантските интеграции, исполнување на ветувањето дека годинава ќе биде успешна на економски план, вети Владата во пресекот на двегодишното владеење.

На неколкучасовниот форум што по тој повод го организираше Владата  беа изнесени оценки и предлози на што таа треба да се фокусира во наредниот период: подобрување на условите за бизнис, да не дозволи да има случаи во кои ќе биде жртвувана правдата, да покаже нулта толеранција против корупцијата, да ја врати довербата на граѓаните во институциите, да ги спроведе реформските закони што ги покриваат проблемите на ранливите групи во општеството, како и да го реформира образованието и да одвои повеќе финансии за културата.

– Проверете во фиоките кои предмети не ви се решени. Видете ги сите предметите за кои сте рекле „не“ како може да им кажете „да“ на граѓаните. Да растат одговорноста, транспарентноста и отчетноста, апелираше премиерот Зоран Заев до министрите, директорите и до јавната администрација, порача меѓу другото Заев.

Тој нагласи дека по суштинските промени во државата што се забележани и во Извештајот на ЕК за напредокот на Северна Македонија сега граѓаните чекаат јасен потег од Европската унија и датум за почеток на преговори.

Задачите што ги исполнила Владата, смета премиерот, донеле суштински промени: ослободување на државата од заробеност, процес на деинсталација на режим и интеграција на земјата како пример кој блеска на Балканот.

Вицепремиерката и министер за одбрана Радмила Шекеринска, пак, потенцираше дека де факто сме веќе членка на НАТО, де јуре ќе станеме за помалку од една година, со веќе активирана позитивна инвестициска клима за економски бенефиции како најголеми индиректни влијанија што ги носи членството во НАТО, а не се од воена природа.

Нејзиниот колега задолжен за европски прашања Бујар Османи, смета дека за две години е направен пресврт кој, како што рече, е оценет највисоко и во Извештајот на Европската Комисија за напредокот на земјата за 2019 година.

Според оценката на вицепремиерот Кочо Анѓушев, владините економски политики и мерки го придвижиле економскиот раст,  економијата од виртуелна е трансферирана во реална, при што носител е индустрискиот раст. Предизвик за економијата во следниот период е образованието и мора да се промени девастираниот образовен систем бидејќи може да стане ограничувачки фактор за економијата. Има простор за подобрување во реализацијата на капиталните инвестиции и поефикасно работење во делот на проектите кои се надвор од Буџетот.

Како што оцени претседателот на МАНУ Таки Фити, Владата ,ора да обезбеди модерна крупна стопанска инфраструктура, еднаков праведен пристап на сите фирми до јавните набавки и до сите облици на државна помош,  да се справи со јазот меѓу планираните и реализираните јавни инвестиции, да ги подбри капацитетите на администрацијата.

–  Во овие две години мора да покажеме дека има нулта толеранција против корупцијата. За тоа ни требаат механизми. Владата не треба да инвестира само во капитални инвестици, туку повеќе во судството, јавните обвинителства и судовите  поефикансо да гонат корупција, порача универзитетската професорка Беса Арифи.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *