Ќе се реконструира пазарот во Ресен

Со средства од Бирото за рамномерен регионален развој и Општина Ресен, преку Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион ќе се реконструира пазарот во Ресен.

Градоначалникот Живко Гошаревски информира дека тендерот е објавен и очекува за околу еден месец да почнат изведбените активности на терен.

– Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион го распиша тендерот и по законските процедури, за еден месец треба да почне реконструкцијата на градскиот пазар во Ресен, истакна Гошаревски.

Тоа според него, ќе овозможи подобри услови за препсанските пазарџии за продажба на нивните производи.

По завршување на сите правни процедури, раководителот на одделението за Локален економски развој и прекугранична соработка Крсте Мицалевски, очекува за околу три до четири месеци да бидат реализирани градежните активности. Реконструираниот пазар, според него, ќе биде направен согласно сите норми и стандарди.

– Ќе има голема челична настрешница, реконструкција на тезгите соодветно за продажба на овошје, зеленчук и текстил, а ќе бидат направени интервенции и на подот, појасни раководителот на ЛЕР, Мицалевски.

Преспанските пазарџии своите производи до октомври минатата година ги продаваа во затворен објект, но поради не продолжување на догворот на сопственикот на објектот и јавното комунално претпријатие „Пролетер“ како алтернатива ги користеа тезгите од стариот ресенски пазар.