Eвропската комисија препорача безусловен старт на преговорите со Северна Македонија (ДПЛ)

Европската комисија во годишниот извештај објавен пред малку препорачува безусловен почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија, јави дописничката на МИА од Брисел.

Комисијата препорачива Советот сега да отвори преговори со Северна Македонија. За да се поддржи континуираниот реформски моментум, Комисијата би применила засилен пристап за преговарачките поглавја за судството и темелните права, правдата, слободата и безбедноста во земјата, стои во заклучоците на ЕК.

Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, во својот воведен говор пред Европскиот парламент нагласи дека и двете земји покажаа значаен напредок во реформските задачи поставени минатата година од страна на Советот на ЕУ.

-Северна Македонија продолжи да ја исполнува реформската агенда и постигна историски договор со Грција, сѐ ова заедно дава пример како да се зацврстат билатералните односи и е сјаен пример и сведоштво за моќта на привлечноста на ЕУ, рече Хан.

Комесарот порача дека сега е време за Европската Унија да ги исполни своите ветувања, „кога земјите кандидати ги исполнуваат своите“.

Европратениците ја поздравија препораката на Европската комисија.

Во име на Социјалдемократската група, европратеничката Кати Пири, сепак, забележа дека нејзиното политичко семејство очекуваше да не се прават пакети помеѓу земјите.

-Мојата група се надева дека одлуката во јуни ќе биде позитивна за двете земји, претпочитавме тоа да не биде пакет, туку процес базиран на заслуги, но сега нема причина за одлагање, истакна Пири.

Извештајот генерално бележи напредок во сите области, посебно клучните реформи поставени лани на Советот за општи работи на ЕУ.

-Северна Македонија продолжи да одржува стабилен чекор во имплементацијата на ЕУ реформите за целиот период од извештајот, стои во извештајот.

Европската Комисија смета дека земјата поминува низ “темелни промени во инклузивна и отворена политичка атмосфера“ и дека конкретни резултати се видливи во сите клучни реформски области: судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, разузнавачките служби и јавната администрација.

Извештајот ги поздравува напорите на Владата на Северна Македонија да воведе дијалог со опозицијата и со граѓанското општество.

Напредокот во делот на борбата против корупцијата треба да продолжи со оглед на распространетоста на оваа појава во општеството.

-Властите треба да направат поголеми напори да докажат дека борбата против корупцијата е национален приоритет за секое ниво на власт, потсетува Европската комисија и ја поздравува транспарентноста на новоименуваната комисија за спречување на корупцијата.

Во однос на СЈО, Европската комисија нотира дека ова тело ја докажала својата водечка улога во гонењето на високопрофилна корупција.

-Земјата покажа континуира одлучност за подобрување на судскиот систем и имплементацијата на новата правна рамка е солидна база за постојан прогрес. Нов закон за интегрирање на СЈО во обвинителниот систем е подготвен, судовите донесоа пресуди за високопрофилни предмети од СЈО, стои во извештајот.

Сепак, ЕК бара дополнителен напор од „сите судски институции“ за враќање на довербата на јавноста во судството.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *