МЕПСО ја модернизираше трафостаницата Кавадарци

Компанијата „Мепсо“ ја модернизираше трафостаницата „Кавадарци“. Заменета е опремата што беше во функција повеќе од педесет години со што отсега сите елементи ќе се управуваат со систем на електромоторен погон.

Од компанијата денеска информираа дека вкупната инвестиција е во висина од околу 260 илјади евра и со новата опрема се очекува да се сведат на минимум ризиците од дефекти и трошоците за одржување. Монтирани се три нови прекинувачи, 23 разделувачи, изолаторски вериги и друга додатна опрема.

– Освен нови разделници монтирани се и прекинувачи за три полиња, нови изолаторски вериги во целата постројка, нови фундаменти на елементите од примарната опрема и нови кабли за сигнализација и управување со елементи од постројката, велат од компанијата.

Модернизацијата на трансформаторската станица траеше две години, а започна во мај 2017 година. 

Трафостаницата „Кавадарци“ е најважниот електроенергетски објект во преносната мрежа за снабдување со квалитетна електрична енергија на тиквешкиот регион. Преку оваа трафостаница со електрична енергија се снабдува целото население во кавадаречкиот регион и целата индустрија, освен „ФЕНИ“ кој има и сопствена трафостаница. Од системски аспект, трафостаницата е значајна зашто е поврзана со трафостаницата „Дуброво“, хидроцентралата „Тиквеш“, а го поврзува Кавадарци со Велес и со Прилеп. Наскоро, како што информира „Мепсо“,  во оваа трафостаница треба да се поврзе и индустрискиот капацитет ИГМ Кавадарци.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *