Општина Битола со програма за организиран дочек на Нова Година на плоштадот „Магнолија“

Општина Битола ја утврди програмата за организиран дочек на новата 2018 година и таа ќе се реализира на плоштадот „Магнолија“.

Програмата ќе почне в недела на 31 декември во претпладневните часови, а на новогодишната сцена ќе настапат учесници на детските фестивали „Тра-ла-ла“ и „СИ-ДО“, како и актери кои ќе ги изведат детските театарски претстави „Новогодишна збрка“ и „Кловновите и Дедо Мраз“.

Вечерната програма ќе почне во 20.30 часот со настап на познати битолски ди-џеи, фолк пејачот Борче Наумовски, поп пејачот Бојан Стојков и групата „Боеми“. Во програмата ќе настапат и актерите од Битолскиот театар Илина Чореска, Викторија Степановска-Јанкуловска, Марјан Ѓоргиевски и Маја Андоновска Илиејевски, а точно на полноќ на плоштадот „Магнолија“ ќе се обрати градоначалникот на Битола, Наташа Петровска.

Со поддршка на општина Битола деновиве во „Куќичката на Дедо Мраз“ кај Градскиот часовник се одвива хуманитарна акција на која се собираат донации за децата на социјално загрозени семејства од овој град.