Лозарите се тркалаат во лозјата за бериќет. Така е секоја година за верскиот празник Свети Трифун, кој се смета за нивен заштитник. Лозарот Златко Стојчев од кавадаречкото село Сопот, кој обработува над 300 декари лозја, вели за МИА дека тоа е своевидна магија која веруваат дека ќе им помогне да имаат плодна година, добри цени и солиден пласман за грозјето.
Нема точни податоци околу тоа, од кога во тиквешкиот крај започнало организирано прославување на верскиот празник Свети Трифун, како празник и заштитник на лозарите, кога е прогласен за ден за официјално започнување на работите во новата производствена сезона во лозарството. Преданието вели дека оваа традиција има длабоки корени, бидејќи и најстарите тиквешани се сеќаваат, како нивните дедовци и прадедовци го прославувале овој празник. За тоа како се празнувало во минатото, говорат фотографиите што ги добивме од историчарот Петре Камчевски. Едната од нив говори за прослава на празникот во кафеаната на Пане Велков во 1938 година, другата сведочи за Свети Трифун две години подоцна, а третата го има овековечено закројувањето на винова лоза во 1962 година.
Трифун живеел само 21 година, но имал исклучително интересен живот
Православните верници, а особено лозарите, секој 14 февруари го одбележуваат верскиот празник Свети Трифун, маченик и заштитник на лозарите, поради чудата за кои веруваат дека ги направил за време на својот краток живот.
-Култот на почитување на свети Трифун од јужните предели на Јадранското Море е пренесен во Јужна Италија и Сицилија, а во Котор се чуваат и дел од неговите мошти. Иако живеел само 21 година, Трифун имал исклучително интересен живот. Од неговото житие, се гледа дека бил роден од благочестиви родители во Камсада, во Фригија, една од областите во Мала Азија. Уште како дете, според житието, Бог благословил во него да се всели Светиот дух и да го обдари со чудотворство. Уште како мало дете, му успевало да помогне со својата способност во лекување најразлични болести, а имал и моќ од луѓето да ги истерува демоните. Нему му се припишуваат дека направил многу чуда. Едно од тие чуда било поврзано со убавата принцеза Гордијана. Настанот се случил кога со Римското царство управувал нејзиниот татко Гордијан, за МИА раскажа Томе Крстевски, етнолог во кавадаречкиот музеј.
Приказната за убавата принцеза Гордијана
Поради нејзината убавина и мудрост, за Гордијана биле заинтересирани многу кнезови и принцови. Но принцезата имала сериозен духовен проблем, па се сметало дека во неа влегол ѓаволот и постојано ја измачувал. Залудни биле обидите на најпознатите лекари, да ја излекуваат убавата принцеза. Се раскажува дека неочекувано проговорил ѓаволот од нејзе и кажал дека само младото момче Трифун може да ја излекува. Биле донесени сите луѓе по име Трифун, но никој од нив не успеал да помогне. Дворјаните продолжиле во потрагата по чудотворецот Трифун и го пронашле 17 годишното момче како чува гуски, па веднаш го однеле во Рим.
-Во житието е опишан настанот како демонот, три дена пред да пристигне Трифун во Рим, не можел повеќе да издржи и излегол од телото на принцезата. За да се увери царот дека Трифун е вистинскиот чудотворец, го замолил светителот да им го покаже демонот на другите, за и тие да можат да го видат. Трифун поминал шест деноноќија во пост и молитва и кога седмиот ден царот со целата свита отишол кај него, Трифун со својата моќ направил ѓаволот да се појави пред сите во форма на црно куче, на кое очите му биле како пламен, а главата му се влечела по земја. Бидејќи Трифун инсистирал да дознае од демонот како влегол во телото на Гордијана, добил одговор дека демоните имаат власт кај оние кои не веруваат во Бога, пренесе Крстевски.
За своето дело Трифун бил богато награден од царот, но тој целото богатство им го подарил на сиромашните, а самиот и понатаму продолжил да живее скромно и да работи на лекување на болните.
Во времето на владеењето на императорот Декиј, наречен мачител, бидејќи жестоки ги прогонувал христијаните, бил уапсен и младиот Трифун.
-Бил подложен на жестоки измачувања, со цел да се откаже од неговата верба кон Бога. Откако мачителите не успеале во тоа, во 250 година му ја отсекле главата. Византискиот цар Јустенијан кој бил роден во Македонија, на маченикот Трифун му изградил црква во Цариград, со што уште повеќе го зголемил култот кон светителот, рече Крстевски.
“Господе ти давам едно шише вино, за илјада да ни подариш”
Закројувањето на винови лози на овој празник, се врши и во црковни и манастирски имоти во Тиквешијата. Се верува дека сите оние кои ќе земат гранчиња од пресечените лозови прачки и ги однесат во своите лозја, ќе имаат среќа и бериќетен род во текот на претстојната година.
-Во Македонија денот посветен на свети Трифун, кога симболично се закројуваат винови лози, спаѓа во поголемите православни празници. Свети Трифун, покрај на лозјата и градините, се смета и за заштитник на меанџиите. Во Тиквешијата овој празник се празнувал од многу одамна, а лозарите му посветуваат големо внимание на заштитникот на лозјата. За нив 14 февруари е посебен ден, кога тие уште во раните утрински часови одат на своите лозови површини. Традиционално закројуваат неколку винови лози, кои притоа ги полеваат со вино. Се обраќаат кон Бога со зборовите: “Господе, ти давам едно шише, за илјада да ни подариш”, раскажа етнологот.
Прастар бил обичајот на празнување на овој празник и во кавадаречкото село Ресава, во кое за виното од минатото се вели дека било толку многу квалитетно и густо, што можело и во крпа да се носи. Во годините кога имало вишок грозје и вино, дел од материјалот за градење на куќите наместо со вода, се мешал со вино.
-Таму останал ритуалот од дамнина, на овој ден виновата лоза да се полева со вино и ракија. Притоа се искажуваат зборовите: “Еве ти вино и ракија, а ти дај ни убаво и квалитетно грозје, да можеме да зобиме, а и вино и ракија да правиме. Бериќетна да ни е годината, да тежи од род”. Лозарите отсекогаш се надеваат дека заштитникот Свети Трифун ќе ги чуе нивните молитви и ќе ги заштити лозјата од болести, штетници и други инсекти, додаде Крстевски.
Како по некое непишано правило, низ годините, по завршувањето на церемонијата на закројување, лозарите слават во своите лозја, во некои од угостителските објекти, во домашна атмосфера. Се дружаат веселејќи се, со убави желби, со песна и свирка, со вино и ракија, празнуваат до доцна во ноќта. За многу години.