Вчера, заменикот министер за надворешни работи, Андреј Жерновски, присуствуваше на свеченост организирана од страна на швајцарската амбасадорка Сибил Зутер, по повод 25 години од воспоставувањето дипломатски односи помеѓу Република Македонија и Швајцарија.
На настанот беа истакнати пријателските односи помеѓу двете земји, како и значајната поддршка којашто Швајцарија ѝ ја дава на Република Македонија во нејзините напори да изгради социјално инклузивна демократија, да ја развие економијата, да ја подобри инфраструктурата и да ја заштити животната средина. Се дискутираше и за улогата на дијаспората од Република Македонија во Швајцарија со над 80 000 лица како мост помеѓу двете земји. Амбасадорката Зутер и заменик министерот Жерновски ја повторија заемната желба за поинтензивен политички дијалог и билатерална економска размена, како и за понатамошна соработка во сите области.
Заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски ја нагласи важноста на пријателските односи и користа од поддршката на швајцарската Влада во изминатите 25 години: „Убеден сум дека на 25 годишниот јубилеј ќе гледаме како на нов почеток. Македонија силно ја цени поддршката на Швајцарија , преку реформите да ги постигнеме европските стандарди и вредности и да продолжиме со социјално инклузивната демократија и пазарна економија, воедно обезбедувајќи ефикасно управување со природните ресурси” – ЗМНР Жерновски.
„Во последните 25 години Швајцарија и Македонија развија силно партнерство преку политичка размена, трговија и инвестиции, и развојна соработка. Денес Швајцарија е рангирана меѓу најголемите билатерални партнери за соработка на Македонија. Во годините што доаѓаат остануваме посветени и понатаму да ѝ пружиме поддршка на Македонија на нејзината патека кон европска интеграција преку нашата обемна програма за соработка,“ рече амбасадорката Зутер.
Швајцарија и Република Македонија воспоставија целосни дипломатски и конзуларни односи на 31 јануари 1994 година. Оттогаш Швајцарија се вбројува меѓу најголемите билатерални партнери за соработка и ја поддржува земјата во реформите и напорите за развој.