Одбележани 25 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Република Македонија и Швајцарија

Вчера, заменикот министер за надворешни работи, Андреј Жерновски, присуствуваше на свеченост организирана од страна на швајцарската амбасадорка Сибил Зутер, по повод 25 години од воспоставувањето дипломатски односи помеѓу Република Македонија и Швајцарија.

На настанот беа истакнати пријателските односи помеѓу двете земји, како и значајната поддршка којашто Швајцарија ѝ ја дава на Република Македонија во нејзините напори да изгради социјално инклузивна демократија, да ја развие економијата, да ја подобри инфраструктурата и да ја заштити животната средина. Се дискутираше и за улогата на дијаспората од Република Македонија во Швајцарија со над 80 000 лица како мост помеѓу двете земји. Амбасадорката Зутер и заменик министерот Жерновски ја повторија заемната желба за поинтензивен политички дијалог и билатерална економска размена, како и за понатамошна соработка во сите области.

Заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски ја нагласи важноста на пријателските односи и користа од поддршката на швајцарската Влада во изминатите 25 години: „Убеден сум дека на 25 годишниот јубилеј ќе гледаме како на нов почеток.  Македонија силно ја цени поддршката на Швајцарија , преку реформите да ги постигнеме европските стандарди и вредности и да продолжиме со социјално инклузивната демократија и пазарна економија, воедно обезбедувајќи ефикасно управување со природните ресурси”  – ЗМНР Жерновски.

„Во последните 25 години Швајцарија и Македонија развија силно партнерство преку политичка размена, трговија и инвестиции, и развојна соработка. Денес Швајцарија е рангирана меѓу најголемите билатерални партнери за соработка на Македонија. Во годините што доаѓаат остануваме посветени и понатаму да ѝ пружиме поддршка на Македонија на нејзината патека кон европска интеграција преку нашата обемна програма за соработка,“ рече амбасадорката Зутер.

Швајцарија и Република Македонија воспоставија целосни дипломатски и конзуларни односи на 31 јануари 1994 година. Оттогаш Швајцарија се вбројува меѓу најголемите билатерални партнери за соработка и ја поддржува земјата во реформите и напорите за развој.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *