Десетина новименувани амбасадори тезите пред пратениците ги бранеа зад затворени врати

Собраниската комисија за надворешни работи денешната седница, на која своите тези ги презентираа десетина новоименувани амбасадори пред заминувањето во своите мисии, се одржа зад затворени врати.

Процедурално реагираше пратеникот Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ со забелешки дека за седницата на Комисијава биле информирани денеска во 9:40, поради доцнењето од 40 минути, но и поради тоа што седницата е затворена за јавноста.

-Дваесет и повеќе години амбасадори своите тези ги бранеле на отворени седници на комисиите. Станува збор за 10 потенцијални амбасадори кои денеска ќе бранат своите тези зад затворени врати. Што се крие од македонската јавност, праша Димитриев и побара ако има класифицирани материјали тие да се декласифицираат и седницата да биде отворена, по што ја напушти седницата.

Пратеничката Ивана Туфекџиќ, која претседаваше со комисијата, образложи дека комисијата е затворена на барање на МНР поради тоа што материјалите што ќе бидат презентирани се класифицирани како доверливи. Таа се извини за доцнењето и кажа дека седницата била закажана вчера од страна на претседателот на Собранието што е во согласност со собранискиот Деловник, а неа ја назначил за претседавач на седницата.

-Материјалите кои се доставени од МНР и ќе се разгледуваат на оваа седница се класифицирани со степен на доверливост. И од тие причини согласно деловникот оваа седница ќе се одржува без присуство на јавноста. Степенот на класификација не го одредува собранието, ниту пак ги класифицира овие информации, рече Туфекџиќ.

Тезите пред стапување на должност пред Комисијата за надворешни работи денеска ги бранеа Оливер Крлиу, кој ќе биде амбасадор на Македонија во Мадрид, Игор Џундев кој ќе биде постојан претставник во меѓународните организации во Виена. На должноста вонреден и ополномоштен амбасадор треба да стапат и Горан Стевчевски во Унгарија, Ненад Колев во Виена, Абдулкадар Мемеди во ОАЕ, Сузана Зеленковска во Словенија, Рамадан Азифи во Германија, Крум Ефремов во Украина и Мира Крајачиќ во Шведска.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *