Во Македонија нема кохерентна дефиниција и посебен закон за говорот на омраза. Судовите не покренуваат дела за тоа, иако во последните месеци има придвижување, но во принцип говорот на омраза се толерира со години. Во борбата против говорот на омраза важни се казнената политика, саморегулацијата и интернет писменоста, истакнаа говорниците на денешната тркалезна маса организирана од страна на „Inner Wheel“ Клубот Скопје по повод Меѓународниот ден на толеранцијата.
Според министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој присуствуваше на дебатата, ние како општество се уште лутаме во справувањето со говорот на омраза.
– Лични искуства имам прилично. Доволно ми е Твитер акаунтот да го отворам. Како политичар прагот на толеранција мора да ми биде повисок во однос на напади. Човек учи да прима удари, но кога оди кон фамилија и деца, знае да биде многу непријатно. Уште лутаме како општество со говорот на омраза. Дури имавме и примери од типот некролози на актуелни амбасадори акредитирани во Македонија. Имаше и навреди кон една моја блиска пријателка, амбададор на земја пријател на Македонија, на родова основа, рече Димитров пред учесниците на дебатата.
Новинарот и аналитичар Сашо Ордановски препорачува да се воспостават механизми за следење и мерење на говорот на омраза, да се воведе централизиран функционален механизам за граѓанско пријавување на ваков тип на омраза и да се отвори национален регистар на говорници на омраза. Ордановски смета дека потребни се и дополнителни обуки за функционерите во институциите, како и политичко охрабрување на обвинителите и истражните органи да ги гонат ваквите дела. Во правната пракса на државата, како што посочи Ордановски, има само неколку случаи, од кои ниту еден не е завршен со валидна судска пресуда.