Турски компании од Кешан, град во близина на границата со Грција, гледаат шанса за ширење на бизнисите во Македонија.
Нивни претставници денеска беа во посета на Македонско-турската комора (МАТТО) за да се запознаат со деловната и инвестициската клима во земјава.
Како што соопшти МАТТО, стана збор за стратегијата за развој на Владата која, според претставниците на МАТТО, е ветувачка во смисла на поттикнување и поддршка на раст на компаниите што значи и општ економски раст на земјата.
Потпретседателите на МАТТО, Алпер Тунга Ерсој – генерален директор на ТАВ, и Есер Џевахир – генерален директор на Џевахир Македонија, како и Буњамин Кутлу, трговско аташе на Република Турција, истакнаа дека Македонија располага со млада и образована работна сила што ветува и полесно водење бизниси. Не од помала важност, беше речено, се и општата сигурност во земјата, сличните културолошки вредности и присуството на локалното турско население.
На средбата присуствуваа бизнисмени од 28 компании од областа на туризмот, градежништвото, производството и преработката на овошје, земјоделството, сточарството и трговијата. Според заменик претседателот на Стопанска комора од Кешан Мустафа Ишчинен, делегација е составена од потомци на иселеници од Македонија и Косово и дека за многумина ова е првата средба со земјата на потекло.
– Со оглед дека Кешан е порта меѓу Европа и Турција, и дека Тракија е земјоделски крај на Турција со голем извозен потенцијал, гледаат шанса за ширење на бизнисите со соседите, вклучувајќи ја и Македонија. Фактот дека Кешан е град на Мраморно море, туризам е исто така важна стопанска гранка но и можност за соработка, наведува МАТТО.
По Скопје, турската делегација ќе ги посети Приштина и Призрен.