Поенти референдум 2018: Членството во НАТО и ЕУ гарантира раст на македонската економија

Членството во НАТО и ЕУ гарантира раст на македонската економија, повисоки приходи за граѓаните, поголеми инвестиции и нови работни места, поголем и стабилен пазар за домашните фирми, економски развој и подобар живот за сите наши граѓани и за сите наши деца, порачаа поддржувачите на референдумот, пред се високите владини претставници, во текот на вчерашните настапи во повеќе места низ Републиката.

Зачленувањето во НАТО, според нив, ќе донесе нови и големи директни странски инвестиции во економијата во Македонија. Инвестициите отвораат нови работни места, а Македонија станува конкурентна, се зголемува растот на платите, а ќе се зголемуваат бруто – домашниот производ и извозот.

Стопанската комора на Македонија и дава целосна и недвосмислена поддршка на Владата за референдумот, а по завршувањето на процесите околу членството во ЕУ и НАТО, очекува помирување на политичките партии и создавање уште подобри услови за развој на економијата.

– Не уверивте во потребите бизнис заедницата да ги поддржи напредните идеи на државата. Ги знаеме и ги цениме сите напори што ги направивте во изминатиот период, истакна претседателот на Комората Бранко Азески, заокружувајќи ја денешната трибина на која присуствуваа премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Кочо Анѓушев.

На тоа премиерот Заев возврати дека е созреано времето да се одработи за државата. Воедно порача, стопанствениците да ја зграпчат новата можност за соработка со Грција и Бугарија и мудро, ефикасно и инвентивно да ги искористат потпишаните договори со овие две земји.

– Македонија мора да направи квантен скок, да се качи на мотор од 1.600 кубици за да ја забрза својата перспектива, а тоа е можно само ако стане членка на НАТО и ЕУ. Верувам дека ќе успееме. Ова прашање е многу важно за сите, за земјава генерално, за граѓаните, но и за бизнисот. Не е исто да имате пазар од околу 1,5 милиони и пазар од 500 милиони жители, подвлече Заев.

Во сите земји од регионот кои станаа членки на НАТО (Хрватска, Бугарија, Албанија, Црна Гора и Романија) инвестициите значително пораснаа, а невработеноста  се намали.

Поддржувачите на референдумот се едногласни дека со зачленувањето на нашата држава ќе се зголемат фондовите кои ЕУ ги вложува во нашата инфраструктура. Ќе се градат уште повеќе нови патишта, мостови, водоводи, канализации, училишта и градинки, за подобар живот на сите граѓани, за подобро утре на нашите деца.

Ќе се зголемат фондовите за земјоделците, со што ќе има повеќе европски средства за субвенции, за мехнизација, за повисок приход, подобар производ и за пласман со подобри цени.

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството Николче Бабовски од бугарскиот министер за земјоделство Румен Порожанов вчера побара да се обнови меморандумот за соработка меѓу платежните агенции на Македонија и Бугарија.

Обновувањето на меморандумот, истакна Бабовски, е од големо значење за секторот земјоделство посебно ако се има предвид почнувањето на претпристапниот период на Македонија за членство во ЕУ.

– На македонските земјоделци и се потребни ЕУ и фондовите што таа ги нуди. Бугарија е најдобриот пример во регионот за тоа какви придобивки нуди членството во европското семејство. Само лани, за аграрот имавме на располагање милијарда и 600 милиони евра, рече бугарскиот министер.

Според него, со европските фондови брзо ќе се развие агро секторот. Приходот на секој земјоделец од 2007 до 2012-та година, од пристапувањето на Бугарија во ЕУ, е зголемен за 49 отсто.

Европски фондови за европска Македонија

Вкупната годишна помош од Европската унија за Македонија изнесува 90 милиони евра, односно 260 илјади евра дневно.

Влегуваме во унија од 500 милиони потрошувачи или 250 пати поголем пазар од домашниот.

Се обезбедуваат 15,5 милиони евра годишно за Македонија преку ЕУ програмата за транспорт, односно преку фондови со кои се градат патишта, мостови, железници, тунели и друга инфраструктура.

Вкупно 8,5 милиони евра европски пари има за заштита на границите на Македонија во 2018 година, а за земјоделството во Македонија  ќе има 15 милиони евра европски пари за 2019 година.

За реформите во правосудството и во полицијата во Македонија ќе се обезбедат 18 милиони евра во 2020 година.

Поддржувачите на референдумот се едногласни дека не ни е потребна повеќе неизвесност и изолација, бидејќи нашите млади заслужуваат подобра иднина.

Посочуваат дека во Бугарија растот на просечната плата од 525 лева во 2007 година е на 1.045 лева (550 евра) во 2018 година, а невработеноста од 17,2 отсто во 2007 година, денес е намалена на 5,3 отсто.

Во Хрватска, пак, вработеноста кај младите се зголемила од 26,4 отсто во 2013 на 43,1 отсто во 2017 година.

Раст има и на просечната плата во Романија и тоа од 1.025 леи во 2007 на 4.527 леи (525 евра) во 2018 година, а невработеноста од 15,6 отсто во 2007, денес е  намалена на 4,3 отсто.