Османи смета дека Советот за реформи во правосудството работи добро

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи смета дека Советот за реформи во правосудството досега завршил добра работа и оти како резултат на тоа е донесена Стратегијата за реформи во правосудството и Акционен план врз основа на кој треба да бидат донесени 30-тина закони.

– Советот реално направи одлична работа. Стратегијата која на почетокот беше оценета како политички документ, беше подготвена токму од ова тело. Беа земени предвид сите препораки на Европската комисија, на Венецијанската комисија и ГРЕКО и на крај добивме финален документ којшто Европската комисија го одобри и ние тој документ го одобривме на Влада. Врз основа на тој документ, веќе има акционен план за 30-тина закони со рок на предвидено донесување. Така што можам само да ја пофалам работата на Министерството за правда и на Советот за спроведување на реформи. Може да има различни индивидуални ставови којшто ние сериозно ги земаме предвид, но како колективно тело мислам дека Советот заврши добра работа, рече Османи, одговарајќи на новинарско прашање.