Конференција за управување со квалитетот во јавниот сектор

Досегашните искуства од спроведување на моделите за управување со квалитетот во јавниот сектор и примена на европските алатки, меѓу кои стандардот ИСО 9001  и ЦАФ-моделот, беа презентирани денеска на конференција што ја организираа Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) и Мисијата а ОБСЕ во Скопје.

Заменик-шефот на ОБСЕ во Скопје Џефри Голдстајн на отворањето истакна дека подобрениот квалитет во работењето значи и подобри услуги за граѓаните. Повика да се воведат неопходните реформи на патот за пристапување кон ЕУ на кој, како што рече, суштински е значајно ефективна и отчетна јавна администрација со што ќе се зголеми довербата кај јавноста.

– Сметам дека ова е особено важно во оваа земја во која сите истражувања на јавното мислење покажуваат дека населението има низок степен на доверба во однос на Владата. Тоа претставува предизвик за вас, како претставник на нова Влада, на локално и на национално ниво. Овие предизвици од вас бараат да бидете повнимателни, повеќе да внимавате на тоа што мислат граѓаните, корисниците на услугите што вие ги понудувате и како ги понудувате, истакна Голдстајн.

Заменик-министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски рече дека приоритет е градењето ефикасна, услужна, отчетна и транспарентна јавна администрација и дека целта им е да се изнаоѓаат нови методи за оценка за подобрување на квалитетот во работењето.

Во 2013 година Собранието донесе закон со кој државната служба е обврзана да го спроведе стандардот ИСО 9001 – за обезбедување високо ниво на задоволство на корисниците од услугите на јавната служба, и Заедничката рамка за проценка т.е. ЦАФ моделот (Common Assessment Framework-CAF) – европски инструмент за управување со квалитетот за јавниот сектор врз основа на спроведување на самооценување од страна на самата институција.

МИОА подготови и насоки и упатства за воведување, а во изминатите години се одржаа неколку советувања за административни службеници. Во соработка со  Мисијата на ОБСЕ во Скопје МИОА пезема активности и за зголемување на бројот на ЦАФ обучувачи во институциите. Досега се организирани 36 обуки и, според податоците на МИОА,  51 институција го имаат воведено ИСО 9001 стандардот, а 29 ЦАФ моделот.

– Регионалните анализи на РеСПА покажаа дека Македонија е најнапредна земја во Западен Балкан во однос на имплементација на модели и инструменти за управување со квалитетиот во јавниот сектор. Ние остануваме посветени на овој процес и во наредниот период. Подобрување на системот за квалитет во институциите во Република Македонија е една од целите на новата стратегија за реформа на јавната администрација за периодот 2018-2022 која е во фаза на подготовка, рече државниот секретар во МИОА Јахи Јахија.

Алатките за управување со квалитетот на јавната администрација во ЕУ на конференцијата во Скопје ги презентираше Ник Тијс, меѓународен експерт за управување со квалитет во јавниот сектор.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *