Амбасадата на Русија во Скопје бара истрага за тврдењата за руско финасирање на протестите

Руската амбасада во Скопје вечерва реагираше на изјавите на македонскиот премиер Зоран Заев за финансирање на протестите во Македонија од страна на некои бизнисмени од Русија.

– Сметаме дека ваквите паушални изјави, како и неодамнешните наводи од страна на министерот за одбрана Радмила Шекеринска, имаат за цел ширење на русофобијата, која што преку западните партнери на Македонија сe почесто се прифаќа како алатка за постигнувње сопствени внатрешни и надворешно политички цели, се наведува во соопштението на Амбасадата.

Руската амбасада натаму оценува дека ваквите изјави ја доведуваат во прашање „искреноста на заложбите на Владата на Република Македонија за градење пријателски односи со Руската Федерација“.

– Очекуваме дека македонската страна, во рамките на правното поле на својата држава и меѓународната практика, ќе спроведе детална и објективна истрага на наводите на кои алудираат посочените членови на Владата на Република Македонија и ќе и презентира на јавноста, како и на руската страна, реални факти, а не конструкции. Сметаме дека се контрапродуктивни и неодговорни обидите за заплашување на граѓаните со измислена „руска закана“, се додава во сопштението на Руската амбасада во Скопје.