Балканот не може да биде користен за одбрана од бегалците. Ние сме остров, транзитна земја. Секој кој доаѓа кај нас, доаѓа од земја на ЕУ, вели во интервјуто за WELT министерот за надворешни работи Никола Димитров направено во средата пред објавувањето на одлуката на НАТО за покана на Република Македонија на разговори за прием.
На прашањето каков е ставот на македонската Влада за воспоставување на трајни центри за азил во Македонија, Димитров одговара дека веќе имаме два транзитни центра.
– Засега, идејата, да се воспостават такви центри во нашиот регион, е бездруго шпекулација. Никогаш не сме добие официјално барање. Балканот е остров среде ЕУ. Не може да се бара од земјите на овој остров да преземат таков товар, ако не се дел од ЕУ. Мислам дека во однос на ова ќе останеме многу непоколебливи. Нашиот дел ќе го направиме. Кога ќе станеме членка на ЕУ ќе ја покажеме нашата целосна солидарност, вели Димитров.
Во врска со затворањето на Балканската рута, тој посочува дека покрај Договорот со Турција, тоа беше одлучувачко за миграцискиот бран да се стави под контрола.
– Македонија, поради нејзината географска положба, доби истакната улога, помалку иронично за земја надвор од ЕУ, додава Димитров.
На прашањето дали може да потврди дека Балканската рута сега има поинаков тек, шефот на македонската дипломатија потврдно одговара, посочувајќи дека бројките се движат во надолна линија.
– Имаме два транзитни центра, еден на север и еден на југ. Јас секојдневно добивам извештаи. Бројките се двоцифрени, моментално од 30 до 50 лица, истакнува Димитров.
Тој посочува дека Македонија е транзитна земја и дека малку луѓе сакаат да останат и бараат азил.
– Проблемот со бегалците стана толку голем предизвик, бидејќи немаме глобално решение. Исто така и само европско решение не е доволно. Оттука, секое национално унилатерално дејствување е осудено на неуспех, вели Димитров.
На прашањeто колку важен е датумот 2019 како датум за почеток на преговори со ЕУ, Димитров истакнува дека јавната поддршка за влез во ЕУ се движи од 70 до 80 проценти.
– Моментално доживуваме период како оној во 2004, кога го добивме статусот на земја кандидат. Моравме долго да чекаме поради спорот со името (со Грција, забелешка на редакцијата). Во меѓувреме ја добивме деветтата позитивна препорака од Брисел. Три четвртини од нашето дејствување се одвива со ЕУ. Исто толку голем е и уделот на европски инвеститори. За нас не постои друг план освен европската интеграција, нагласува тој.
Димитров вели дека географски, ние сме опкружени со земји членки на НАТО.
– Уште во 1993 ја изразивме нашата желба за членство во НАТО. Во 2008 требаше да станеме членка, но спорот со името го спречи тоа. Конечното пребродување на вододелницата членство во НАТО, тоа за нас значи извесност, сигурност. Не сакаме повеќе над Македонија да стои знак прашалник. Сакаме цврсто да ја интегрираме нашата земја во Западната заедница. Како сигнал дека сакаме да останеме, вели Димитров.
На прашањето дали Русија би можела да го сфати ова како провокација, Димитров вели дека овој сигнал не е против ниедна земја, вклучително и Русија.
– Ние ги набљудувавме новите тензии помеѓу Западот и Русија, околу Кримската криза. На долг рок, ние, Европјаните, ќе мора да најдеме начин да ги возобновиме односите со Русија. Светот се смени, НАТО повеќе не е ривал на Русија. Тој не е против Русија, туку за стабилност и за земјите кои се водени од демократски принципи. Демократиите не се заинтересирани за тоа, да им се закануваат на другите, додава тој.
На прашањето дали стравува од хибридно водење војна на Москва пред референдумот, министерот Димитров одговара дека ќе бидат внимателни и претпазливи.
– Прашањето за името мора да биде наша и само наша одлука. Нас никој не нè принудил на западна интеграција. Седумдесет до 80 проценти од нашите граѓани го поддржуваат, исто така, и членството во НАТО. Ние сега мораме да испорачуваме. На долг рок, нашето членство е добро за стабилноста на Балканот, вели министерот Никола Димитров во интервјуто за WELT.
Excellent article! I appreciate the thorough and thoughtful approach you took. For more details and related content, here’s a helpful link: LEARN MORE. Can’t wait to see the discussion unfold!