Успешен референдум – влез за предвремени избори

Премиерот Зоран Заев не ги отфрла предвремените парламентарни избори како можна опција пред да се разговара за членството во НАТО и ЕУ, ако, како што вели, тоа го гарантира успешниот референдумски процес.

Според него, вредно е за внимание кога опозицијата бара избори, бидејќи, како што вели, бил во опозиција пред една година.

– Знам дека е вредност да се седне да се разговара, секако ако ова го гарантира успешниот референдумски процес како процес. Граѓаните ќе си кажат на самиот процес, но ако успее процесот да го достигнеме цензусот да ги мотивираме граѓаните да излезат за едно вакво историско прашање сите опции се отворени па дури и ова, така што заедно тоа ќе го разгледуваме, изјави Заев   вчера одговарајќи на новинарски прашања по стартот на изградбата на фабриката на американска „Дура“ во Бунарџик.

Тој очекува до крајот на неделава да се заокружи процесот околу датумот, прашањето и карактерот на референдумот за името.

– Очекуваме до крајот на неделата заедно политичките лидери, претставници на политичките парламентарни партии, да ги дефинираме заради тоа што роковите се собираат, времето се собира ако сакаме да ги фатиме датумите 23 септември, 7 октомври како некои проектирани датуми, изјави Заев.

Тој посочи дека продолжуваат разговорите околу законот за финансирање на политичките партии и изборот на ДИК, делот околу техничка влада, Пржинскиот процес…

Премиерот не исклучува свикување лидерска средба во случај работните групи на парламентарните партии до крајот на неделава да не постигнат договор.

За понудата од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски, Заев да не се повлекува 100 дена пред избори, а, сепак да има техничка Влада, премиерот рече дека во таква ситуација ќе постапи согласно дефинираното во Законот.

– Во Законот стои дека премиерот  се повлекува 100 дена пред Владата и немам намера буквално да се држам до ова место ако тоа така е дефинирано во законот. Јас сум релаксиран човек и тоа ќе ми даде повеќе  време за кампања за избори кога и да се случат, рече Заев.

Според него, нема алтернатива за Република Македонија освен рамноправно членство во ЕУ и НАТО.

– Ако се подготвени рамо до рамо за евроатлантската иднина на нашата заедничка Македонија зад која стоиме сите, тогаш стојам на располагање да разговараме за се. Но мора да дефинираме,  ако сме за НАТО и ЕУ тоа да го поддржиме. Не може да бидеме за НАТО и ЕУ, а да бидеме против ваквите процеси кои ја донесоа Македонија пред НАТО и ЕУ. Чесно е сите лидери да ги заземат своите позиции, да излезат на површина, на чисто, заради тоа што тоа е најмалку што им го должиме на граѓаните, рече Заев.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *