Здравиот начин на исхрана клучен во борбата со болестите

Правилната исхрана е основа за добро здравје и колку таа е поразновидна толку повеќе придонесува за добра состојба на целиот организам. Таа може да биде превентива и лек за да се овозможи поквалитетен и подолг живот и освен здравствената состојба го подобрува физичкото, менталното здравје и емотивното здравје, а последиците од болестите се минимизираат.

Тоа што загрижува е што консумирањето храна (поради состојките и начинот на кои се приготвува), која се продава на секој чекор во маркети, пекари, сендвичари, објекти каде се готват јадења…, се повеќе станува една од главните причини за многу заболувања.

Нутриционист Цвета Динева 20 години им помага на луѓето да го напуштат лошиот начин на исхрата и да си помогнат себеси за да им се подобри здравствената состојба со редовно консумирање на продуктите кои ги дала природата – овошјето и зеленчукот.

Во врска со тоа дали и колку храната може да спречи развој на некоја болест таа ја нагласи познатата реченица на Хипократ „Нека храната биде вашиот лек, а лекот вашата храна“.

– Од себе ќе тргнам, 20 години го работам ова, имам тешки дијагнози, автоимуно заболување, синдром мениер, ревматоиден артрит, малигна хипертензија…Последиците од овие заболувања ги немам, бидејќи најмногу 80 проценти во денот јадам свежо овошје, зеленчук и пијам вода, а јатки јадам зимно време. Порано пиев вода после солено јадење и јадев овошје од време на време. Мене тоа сега ми е примарно нешто, секој ден консумирам овошје и вода. Без салата јас не знам да се јаде некоја храна. Ги држам постите од седум до осум месеци во годината, вели Динева.

Таа истакнува дека не само по себе што го почувствувала моментот на значење на храната во превенција од болести, туку ги има болестите, а ги држи под контрола. Не знае што е грип, гнојна ангина, алергии.

– Најодговорно тврдам се додека луѓето не сфатат дека најважно од се е здравата храна за да им го чува здравјето, се дотогаш за жал ќе боледуваат, затоа што болеста си ја внесуваат низ уста. Имам јас една реченица „Здравјето низ уста влегува, а за жал пет пати побрзо болеста“. Ние сме тоа што јадеме. Ние можеме не знам што да правиме колку и да е напредна медицината, ако не сфатиме дека храната наша се наоѓа главно на зелените пазари, а не по маркетите, се дотогаш ќе бидеме главни посетители по болници, амбуланти, аптеки, потенцира Динева.

На прашање дали се зголемува бројот на луѓе кои поради болест доаѓаат во нејзиниот диет клуб и сакаат да го сменат начинот на исхрана за да си помогнат, вели дека ако во првите години од нејзиното работење во клубот доаѓале луѓе кои сакале да ја намалат нивната телесна тежина, последниве пет шест години над 50 проценти од тие кои доаѓаат сакаат да ја подобрат здравствената состојба.

– Тие еден на друг си ги пренесуваат добрите искуства за тоа како им се подобрила здравствената состојба на подобро со промена на начинот на исхрана откако доаѓаат во клубот без оглед за која болест да се работи, дури и за канцерогени заболувања…Сакам да влијаам на нив во однос на мислата околу храната. Ги терам луѓето да си го вратат инстинктот за природната храна, кога ќе ја видат да реагираат со сите можни сетила и тогаш болестите ќе бидат превенирани, а тие кои ги имаат болестите на еден хуман начин да си го решат здравствениот проблем, појасни Динева.

Според неа, со здравиот начин на исхрана се подобрува здравствената состојба, физичкото и менталното здравје, но и емотивното здравје. Таа вели дека доаѓа до хормонален баланс, а кога се има добар хормонален баланс тогаш сме среќни, тогаш секој знае зошто живее.

Бројни се примерите, посочи, за тоа колку се посмирени луѓето откако го смениле начинот на исхрана, односно преминале на здрав начин на исхрана. Во врска со тоа како луѓето да се откажат од лошиот начин на исхрана, препорачува едукација на децата уште во градинките.

– Значењето на здравата храна постојано треба да се нагласува. Во Словенија децата учат како да рециклираат пластични капачиња од пластични шишиња, па потоа шишиња. До тоа ниво на едукација стигнале, како и во однос на тоа што треба да јадат, како треба да јадат итн. Жално е што немаме такви програми во градинките и во училиштата, барем факултативни. Само пред неколку години Шведска, Норвешка и Финска имаа највисок процент на заболени од инфаркт, мозочни удари и од канцер на дебело црево, затоа што доминантна храна на оние кои живеат во централниот дел им беше месото и сирењата и болестите беа тука. Од пред повеќе од една деценија нивната исхрана е многу здрава и има голема примена на зеленчукот и овошјето во исхраната, истакна Динева.

Кај нас на телевизиите има емисии со нутриционисти и професионалци кои промовираат здрав начин на исхрана, тоа допира до луѓето, но, како што појасни, тоа е недоволно. Таа нагласи дека се дури не се спроведе едукација на децата како предмет тоа претставува проблем.

Во врска со препораката околу секојдневниот здрав начин на исхрана потенцира дека секој може да си однесе на работа овошје, 30 грама јаткасти плодови, суво овошје и да пие повеќе вода до 12 часот кога се прави максимум на телото, кога му даваме храна која истовремено го чисти и го снабдува со чиста енергија.

– Што го чини секој од дома наутро да си понесе сендвич, наместо да купува храна во пекари и сендвичари, кои ги имаме на секој чекор. Се создаде некоја еуфорија по тој вид храна, а не сме свесни колку таа храна е штетна, ја закиселува крвта и создава зависност, затоа што нутритиентите, емулгаторите во нив наменски се додаваат за да создаваат зависност. Доволно е да биде посолено јадењето и тоа прави зависност. Луѓето се додека не сфатат дека здравјето зависи само од нив ќе има болести, додаде Динева.

Таа препорачува „Влезете секој ден во својот В (вода), О (овошје), З (зеленчук) и бидете сигурни дека вашето здравје ќе Ви биде најголемиот пријател“.

Сепак, неспорен е фактот дека во ова брзо и стресно темпо на живеење луѓето преминуваат на здрав начин на исхрана дури откако ќе им дијагностицираат болест, а тоа што им преостанува е да се соочат со неа и колку што можат повеќе секојдневно да уживаат во секој миг од животот.