Заев-Харадинај:Отвораме нови можности за унапредување и продлабочување на меѓусебните односи

Премиерот Зоран Заев во рамки на официјалната посета на Косово денеска имаше билатерална средба со премиерот на Република Косово, Рамуш Харадинај, на која двете делегации се согласиле дека постои интерес за продлабочување на соработката во областа на енергетиката и било оценето дека Косово има големи резерви на јаглен, а Македонија има можности и потенцијали да учествува во гасификацијата на Косово.

Министрите на двете земји искажале подготвеност колку што може побргу да се реализира идејата за заедничка царинска зона која во голема мерка ќе ја олесни трговската размена меѓу двете земји.

Во своето обраќање на заедничката прес-конференцијата по средбата премиерот Заев, рече дека е среќен што е прв премиер на Република Македонија што дошол во посета на Косово.

– Имавме многу добра и успешна средба со премиерот Харадинај и со другите министри во косовската влада. Исто така, благодарен сум што подоцна во текот на денот ќе се сретнам и со претседателот на Парламентот на Косово, Кадри Весели, и со претседателот на Република Косово, Хашим Тачи. Се среќаваме како лидери на две земји без отворени прашања. Македонија и Косово имаат позитивни и конструктивни билатерални односи и соработка на сите нивоа, рече Заев.

Тука сме, продолжи тој, за да одиме чекор понатаму: да отвориме нови можности за натамошно унапредување и продлабочување на нашите меѓусебни односи. Се надеваме дека во иднина ќе имаме почести официјални и работни средби на високо ниво. Тоа ќе даде нова енергија и динамика на нашата соработка, се вели во соопштението од Влада.

На средбата, како што информираат од Кабинетот на премиерот, било посочено дека ќе се интензивира работата на Мешовитиот комитет за спроведување на Договорот за отворање на граничниот премин Белановце-Станчиќ.

– На премиерот Харадинај му пренесов дека дома, во Република Македонија, презедовме обврска да ги исполниме критериумите за да докажеме дека нашата земја има демократско и зрело општество. Тоа останува врвен приоритет на владата во Република Македонија. Истовремено, тоа значи дека сме посветени да изградиме едно општество за сите, вели Заев во соопштението.

Премиерот Заев упатил отворена покана за премиерот Харадинај за возвратна официјална посета на Република Македонија и го потврдил интересот за одржување заедничка владина седница, за која се надеваме дека ќе се организира во текот на 2018 година.

– Во име на граѓаните, а особено на бизнисмените во Република Македонија, на средбата со премиерот Харадинај ја пренесов пораката за интензивирање на економската соработка и зголемување на обемот на трговска размена меѓу двете соседни земји. Се согласивме дека е неопходно да ја подобриме инфраструктурата која не поврзува. Од наша страна, изразивме подготвеност да продолжиме со изградбата на делницата на автопатот Блаце-Скопје, се вели во соопштението до Кабинетот на Заев.

Претседателот на Владата на Република Косово Рамуш Харадинај, се вели во соопштението, ѝ посакал добредојде на македонската владина делегација и на премиерот Заев и изразил уверување дека пред двете земји претстои долга и плодна соработка каква што доликува на најблиски соседи.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *