Џафери: Да се регулира правната празнина за симнување имунитет во Собранието

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска го отвори прашањето за правната празнина што се јавува меѓу примањето на писмо со барање за симнување на имунитет на именувани и избрани лица од Судот и моментот на одлучување дали ќе му биде симнат имунитетот. Џафери смета дека тоа мора да се регулир за да се спречат злоупотреби.

– Станува збор за ситуација од моментот кога ќе се даде налог за придружба, за обезбедување на лице носител на имунитет, да не се врзува само за пратениците затоа што има и други лица со имунитет… од моментот кога ќе се даде налог, до моментот за одлучување што е пропишана во соодветна процедура во Деловникот за работа на Собранието, во таа празнина што правиме со човекот. Мора да се регулира оваа празнина затоа што тоа е простор за злоупотреба односно за поинакво интерпретирање, вели Џафери во изјава за МИА.
Тој додаде дека не претендира да се меша во надлежноста на институцијата односно на релацијата власт-судство, но оти би требало да се размисли кој би бил најдобриот начин да се пополни оваа празнина за да не се злоупотребува правото на едните и правото на другите.
Претседателот на Собранието ова прашање го отвори на денешната јавна дебата на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот посветена на „70 години Универзална декларација на правата на човекот“.
Во Македонија, рече Џафери, ги имаме многу добро вградени сите принципи и вредности кои ги содржи Универзалната декларација за човекови права.
– Прашањето е колку тие се почитуваат во практика и дали во овој период на самостојност кога станува збор за човековите права и слободи се движиме во позитивна насока, рече Џафери во обраќањето укажувајќи на улогата на народниот правобранител, НВО, медиумите, образованиот процес, семејството… во заштитата и почитувањето на правата и слободите на граѓанинот.
Луиза Винтон, постојаната координаторка на Обединетите нации истакна дека започнува едногодишното одбележување на Универзалната декларација за човековите права, но оти имајќи ги предвид настаните во светски рамки во однос на прекршувањето на човековите права, ОН нема расположение за прослава.
– Се повеќе се заборава и намерно се игнорира универзалноста на правата насекаде во светот. Од овие причини ОН не се многу расположени да слават оваа година. Наместо тоа го вклучуваме алармот за човековите права, ги повикуваме граѓаните да бараат од нивните држави да бидат одговорни за нивните човекови права, истакна Винтон.
На дебата во Собранието присуствуваат претставнции од повеќе институции меѓу кои и специјалната обвинителка Катица Јанева, поранешни судии, претставници на НВО секторот и други.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *