Австрија ќе ги убедува европските партнери Македонија побрзо да добие датум за преговори

Врз основа на се она што Македонија го постигна, Австрија за време на своето претседавање со Европската унија ќе ги убедува европските партнери и членките на Советот на ЕУ, земјата побрзо да добие датум за почеток на преговори со ЕУ, изјави австриската амбасадорка Ренате Коблер на денешната конференција „Западниот Балкан и евроатлантските вредности-Студија на случај Македонија“.

Во врска со спорот со името со Грција, австриската амбасадорка рече дека решението треба да биде прифатливо за двете земји, а важно е Македонија да продолжи со реформите на кои е фокусирана.

Коблер истакна дека главни цели на австриското претседавање ќе биде спроведување на европската политика за безбедност, борбата против илегалната имиграција, проширувањето на ЕУ, ефикасното оданочување, а ќе работи и на внатрешната безбедност, системот за азил.

– Мотото на австриското претседавање со ЕУ, кое ќе го преземе од Бугарија на 1 јули, ќе биде „Европа што штити“ а фокусот ќе биде на безбедноста, додаде австриската амбасадорка.

Заменик-амбасадорот на Бугарија во Македонија, Даниела Будинова рече дека Бугарија како еден од приоритетите со своето претседавање го има проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан.

Истакна оти Бугарија ги цени напорите на Македонија во реформите и оти е направено многу особено со планот 3-6-9, а тоа е директно поврзано со основните вредности на Европската унија – демократија, стабилност, безбедност.

Во однос на спорот со името, Будинова изрази надеж дека ќе се изнајде заеднички прифатливо решение за името со Грција.

– Го поддржуваме процесот, но не заземаме страна и не вршиме влијание на ниту една од страните во процесот, изјави заменик-абмасадор на Бугарија.

Според неа, важно е да се искористи моментумот, да се решат билатералните прашања со соседите, што е од клучно значење и предуслов особено за влез во НАТО и оти нема план Б во однос на евроатлантските интеграции.

– Проширувањето не е автоматски процес. Ги цениме напорите што ги прави секоја земја од регионот. Регионалната соработка е важна – доколку подобро ги познавате вашите соседи ќе бидете поединствени и потолерантни, рече Будинова.

Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека Владата е целосно посветена на јакнење на регионалната соработка.

– Пристапувањето на Западен Балкан во ЕУ е еден од приоритетите за исполнување на условите за регионална стабилизација на целиот регион, рече Бектеши.

Посочи дека Стратегијата 2020 ја утврдува регионалната соработка во транспортот, енергетската поврзаност со соседите и воспоставување регионална економска област, додавајќи дека Македонија е една од првите земји од регионот на Западен Балкан во однос на реформите во секторот за енергетика.

Конференцијата, што се одржа во Секретаријатот за европски прашања, ја организира Институтот за меѓународни и политички студии – Скопје, по повод 4-та едиција на Европската недела – Денови на Европа, на која учествуваат повеќе претставници од регионот.