Заев: Ако не се постигне решение, ќе ја донесеме Европа во Македонија

Доколку некако бидеме и понатаму блокирани пред НАТО и ЕУ, ние ќе мораме Европа да ја донесеме во Македонија, оти друго поинаку нема како, изјави премирот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција по потпишувањето на меморандумот за соработка со Женевскиот центар за демократска контрола на вооружените сили.

Прашан дали Владата има втор план доколку не се постигне решение за името со Грција, Заев одговори дека реформите се планот Б, бидејќи владата е избрана да го унапреди животот на граѓаните.

– Секако дека имаме план Б. Гледате дека реформите ги тераме, иако знаеме дека треба и политичкото отворено прашање да го решиме. Посветени сме на економијата, заради тоа што БДП, капиталните инвестиции, привлекувањето домашни и странски инвестиции се нешто што живот значат, рече Заев.

Посочи дека и да не постоеле ЕУ и НАТО, ќе работеле на реформи и ќе го унапредувале системот за обезбедување поквалитетен живот на граѓаните.

– Македонија и досега имала и сигурно има алтернативи, но видовме дека тоа ја чини со празнење на младите луѓе, кои ја напуштаат. Фрустрацијата, веројатно беше една од причините за политичката криза. Алтернатива за Македонија нема освен НАТО и ЕУ и затоа седиме на маса и преговараме. Не е лесно, коси прашањето, болно е и допира до чувствата. Но, истовремено верувајте поболни се чувствата за тоа што секој ден го гледаме, а тоа се изгубени перспективи на нашите граѓани од сегашните генерации и генерациите кои што доаѓаат после нас. Во тоа име го негувам мојот оптимизам, изјави Заев.

Решението, продолжи тој, е билатерално добро за нас без разлика на ЕУ и НАТО.

– Треба да ги решаваме отворените прашања. Кога веќе направивме вака големи чекори, убеден сум дека можеме да го завршиме тоа. Затоа, многу малку зборуваме за план Б. Паралелно, владата е избрана да го унапреди животот на граѓаните. 70-80 проценти од времето е посветено на економија, на реформите, на она што значи транспарентност и севкупно подобрување на работењето на владата, рече Заев.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *