Нова медицинска опрема доби Гинекологија во Чаир

– Девет нови ЦТГ апарати наменети за следење на срцевата активност на плодот во мајката, ехо апарат за вродени аномалии, три гинеколошки ехо апарати, помагала за брза кардиореспираторна реанимација, aпарати за откривање билирубин од кожа и за скрининг на слух на сите новороденчиња…доби Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ – Чаир.

Опремата е обезбедена од проектот ХОПЕ во рамки на „ПериМак“ проектот, инициран како партнерство за унапредување на здравствената заштита на мајките и децата. Дел од апаратите првпат се набавуваат во оваа болница и со нив се унапредува здравствената заштита на новороденчињата, квалитетот на здравствени услуги и за родилките, а значително се зајакнуваат капацитетите и на гинеколошките одделенија.

По тој повод, министерот за здравство Венко Филипче денеска ја посети болницата, се заблагодари за донацијата која, како што рече, е многу значајна и очекуваат да го зголеми квалитетот на медицинските услуги кои се пружаат во таа јавна здравствена установа.

– Ова е само дел од „ПериМак“ проектот кој понатаму ќе вклучи донации во Клиничката болница во Тетово и Општата болница во Куманово. Работиме и на едукација. Нашите доктори се вклучени во он лајн тренинг за ЦТГ заедно со кралскиот Институт за гинекологија и акушерство од Лондон. Министерството и натаму останува посветено и напорно работи на имплементирање на Акцискиот план со кој преземаме активности за намалување на новороденечката смртност, изјави Филипче.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека недостига кадар и дел од опрема и затоа направиле сеопфатен целокупен план. Посочи дека направиле увид на сите родилишта во Република Македонија заедно со експертската екипа од ОН преку нивната агенција и појасни дека врз основа на тој план ќе работат на вработување кадар од секој профил кој треба да работи во една акредитирана гинеколошка установа.

– Ќе се вработуваат доктори од специјалностите гинекологија, анестезија и неонаталогија. Заедно со фондациите кои работат на полето на донации заеднички ја проценуваме потребата од донација односно набавка на опрема и така правиме план со кој ќе ги екипираме и ќе ги дополниме со опрема таму каде недостига сите родилишта. Врз основа на тоа ќе ги акредитираме согласно светските и европските стандарди за родилишта, додаде Филипче.

Одговарајќи на новинарско прашање истакна дека работат на тоа да се намали процентот на новороденечка смртност.

Директорот на Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ – Чаир, Башким Исмаили се заблагодари за донацијата. Посочи дека опремата веќе се користи и се унапредува квалитетот на здравствените услуги кои ги пружаат во болницата.

– Моментално имаме 17 гинеколози, седум неонатлози и шест анестезилози. Не се доволни се потребите, затоа што е зголемен интензитетот на работата во болницата. Но, во соработка со министерот и координативното тело што го формирал мислам дека тоа ќе се надмине, рече Исмаили одговарајќи на новинарско прашање.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *