Туск: Застанавте до нас и ние ќе застанеме до вас (ДПЛ)

Чувствувам промена во политичкиот амбиент во Македонија и вистинска волја за придвижување на евроатлантската интеграција. Гледам храбро лидерство насочено кон иднината. Препораката од ЕК е најдобар доказ дека напорите на Македонија импресионирале многумина во Европа, истакна претседателот на Европскиот совет Доналд Туск на зедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев на која се обрати на македонски јазик.

Туск рече дека нема подобро место од Скопје за да ја заврши балканската турнеја.

– Многу работи се променија од 2015 година, кога доаѓав за да се сопре приливот на мигранти. Од тогаш балаканската рута е затворена и така треба да остане, рече Туск.

Искажа благодарност на Македонија за запирањето на мигрантската рута, но и за поддршката за случајот Скрипал.

– Застанавте до нас во случајот Солсбери и ние ќе застанеме до вас. ЕУ е најголема надеж за вашите траѓани, рече првиот човек на Европскиот совет.

Во однос на важноста на добрососедските односи, Туск рече дека со потпишаниот договор со Бугарија, Македонија докажала дека кога постои волја да се надминат духовите од минатото, постои и начин да се оди кон иднината.

– Се надевам дека истото ќе го постигнете и со Грција. Ја имате мојата безусловна поддршка и верувам во вас, рече Туск.

Претседателот на Европскиот совет истакна дека ЕУ ќе и помогне на Македонија во напорите за реализација на реформите, и оти за тоа ги има сите неопходни состојки за успех – политички консензус за членство во ЕУ и НАТО, како и решителност на граѓаните.

– ЕУ е најголема надеж за подобра иднина за вашите граѓани. Ова го кажувам од искуство како Полјак. Денес во рамките на ЕУ, можеме да го негуваме нашиот национален идентитет, додека сме дел од поголема заедница во која сите можеме да просперираме, заклучи Туск.

Додаде дека на претстојниот Самит ЕУ-Западен Балкан во Софија треба се внесе нова енергија во односите, да се реафирмира европската перспектива на регионот и да се подобри врските и во самиот регион. Истакна дека е потребно и заедничко справување со безбедносните предизвици, како што се шверцот на мигранти, тероризмот и организираниот криминал.

– ЕУ е и ќе остане најдоверливиот партнер на целиот регион. Унијата е најголем инвеститор, донатор, како и најголем трговски партнер во целиот регион, а тоа се однесува и на Македонија. Околу 80 отсто од вашиот извоз оди во ЕУ, 13 проценти од извозот отпаѓа на соседите од Западен Балкан, а само 1,5 отсто е со Турција, еден процент со Русија и еден процент со Кина, рече Туск.

Премиерот Заев, пак, кажа дека по ЕК, Македонија сака да ги убеди и земјите членки дека заслужува да добие датум и да ги почне преговорите за членство, а во тоа никогаш била поблиску.

– Продолжуваме со исто темпо, реформите ќе станат повидливи и поконкретни, рече Заев, најавувајќи го Планот 18, што се подготвува во соработка со ЕК.

Рече дека по исклучително добрата вест од ЕК дека за РМ ќе биде предложена неусловена и чиста препорака за старт на претпристапните преговори со ЕУ, на оваа посета гледаме како на уште едно големо признание, охрабрување, но и одговорност за земјава.

– Со признанието за напредокот на Македонија, истовремено доаѓа и одговорнотаа за продолжиме со исто темпо со трансформација на РМ по примерот на стандардите на ЕУ.  Нема време за опуштање, во наредниот период ќе ги удвоиме нашите напори. Реформите ќе станат повидливи, поконкретни и поефикасни, рече Заев.

Посочи дека Македонија излезе од длабоката политичка криза и од заробена држава, се вратие на патот по кој чекорат сите европски демократски држави, изработени и спроведени се првичните реформски планови како планот 3-6-9 и доби чиста препорака.

– Со вклученост на опозицијата донесовме важни законски решенија согласно успешните европски практики за независно судство, професионални разузнавачки служби, ефикасна јавна администрација, додаде Заев.

Рече дека сега земјава влегува во активности за да понуди аргументи дека заслужуваме почеток на преговорите со ЕУ и дека е подготвена да фати чекор со државите од регионот кои веќе преговараат.

– Пред нас имаме конкретна цел, никогаш не сме биле поблиску да добиеме датум за почеток на преговори за членство со ЕУ. Тоа е голем поттик, за нас и голема мотивација за сите граѓани дека Македонија има добра перспектива тоа ќе има позитивна економска и безбедносна импликација, рече премиерот.

Според него, потпишувањето на договорот за добрососедство со Бугарија го надминал скептицизмот, и оти сега фокусот е на изноѓање решение на спорот за името што ќе ги отвори вратите за почеток на преговори со Унијата и членството во НАТО.

Заев очекува на Самитот на ЕУ во Софија да се потврди европската перспектива на државите од Западен Балкан.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *