Македонија има услови за органско земјоделско производство

Во организација на Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) од Скопје и Здружението Институт за развој на заедницата од Тетово денеска во Тетово беше организирана Инфо сесија за органско земјоделско производство на која присуствуваа повеќе земјоделски производители, но и добавувачи на земјоделска опрема од градот и околината.

Според Габриела Мицевска од ИМЕ-програмата, органското земјоделско производство е втор брзорастечки бизнис во светот, а Македонија има идеални услови за да се вклучи и во овој пазар.

– Моментално во Македонија има околу 600-ини оператори во органското земјоделско производство, меѓутоа она што е позитивно е дека овој број секоја година се повеќе расте и мотивацијата за префрлање од конвенционално во органско производство не се само субвенциите што се добиваат од државата и што се доста големи, туку и можноста на самите земјоделци за остварување поголеми приходи со органски начин на производство, рече Мицевска.

Таа посочи дека во нивна иницијатива бил спроведен пилот-проект за производство на грав во Свети Николе по сите стандарди за органско производство и вака произведениот грав веќе се наоѓа на пазарите во Швајцарија, така што и Тетово и неговата околина што е позната по тетовскиот грав може да имаат големи придобивки од неговото органско производство.

Според Валентина Колар Јовановска од организацијата „Балкан биосерт“, што е прво сертификациско тело за органско производство во Македонија, придобивките од овој начин на производство можат да бидат големи како за производителите, така и за потрошувачите кои на тој начин ќе се снабдат со здрава храна.

– Во овој начин на производство не е дозволено користење на вештачки ѓубрива и синтетички препарати, а и семињата и садниот материјал мора да бидат од органско потекло. За потрошувачите да бидат сигурни дека производите што ги купуваат се  навистина органски произведени, тој производ мора да има соодветен сертификат и да биде соодветно етикетиран како главни барања што треба да се исполнат за овие производи да може како органски произведени да се продаваат во Македонија, но и во странство, рече Колар Јовановска.

Денешната активност е поддржана од Швајцарската агенција за развој и соработка Свис контакт.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *