Трофејниот италијански стручњак, Карло Анчелоти, најверојатно ќе ја преземе италијанската репрезентација, која по дебаклот во квалификациите за пласман на СП во Русија веќе извесно време е без селектор. Долго време како наследник на Џанпјеро Вентура, кој по поразот од Шведска во баражот за пласман на СП поднесе оставка, се споменуваше Роберто Манчини, но по се изгледа дека Анчелоти е првиот пик на водечките луѓе на федерацијата.
Во врска со тоа, веќе имало состанок меѓу Анчелоти од една страна и Костакурта и Фабричини од друга страна, за да се договорат деталите. Анчелоти инсистирал на свој тим во кој се неговиот син Давиде, Масимо Амброзини и Андреа Пирло. Платата би била 5 милиони евра по сезона. Сите овие услови како што пишуваат италијанските медиуми се прифатливи за италијанската федерација и останува само да се потпише договорот.
Па сепак кога се италијаните во прашање никогаш не може со сигурност да се каже дали работата е завршена.