Промовирани книгите „Портрети и настани од Егејскиот дел на Македонија“ и „Партизанска љубов“

Книгите „Портрети и настани од Егејскиот дел на Македонија“ од Благојче Андонов и „Партизанска љубов“ од Фана Мартинова-Буцкова беа промовирани денеска во салата на Советот на Град Скопје, во организација на  Републичкото здружение на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија.

– Во книгата се опфатени мои спомени од детството кои сакав да ги создадам во незаборав за двајца млади борци Македонци, Ѓорѓи од Желево и Доста од Бапчор кои се бореле за демократизација на Грција и за национални права на Македонците во Грција. Според партизанските прописи нивната љубов била забранета, рече  Мартинова-Буцкова.

Промоторот на книгата „Портрети и настани од Егејскиот дел на Македонија“, Васко Гичевски рече дека во неа се опфатени статии и прилози за историјата и развојот на македонското прашање во Грција, почнувајќи од османлиско време до денес.

Посочи дека во книгата се содржани прилози за населени места, биографии на личности, описи на настани…Според него, книгата претставува лесно четиво за помладите генерации за да можат да се запознаат со историјата на својот народ, својата земја и да развијат една љубов кон историјата како наука за минатото од која треба да извлечеме поука.

– Ние најчесто децата бегалци ги гледаме како жртви, како обесправени, но во суштина треба да ги поставиме на пиедестал, бидејќи според мене, тие се херои на една борба за прогресивен свет, за еден похуман свет, една борба која не можеа да ја водат на своите детски раменици, беа измачувани, избегаа поради теророт и се разделија од семејствата, додаде  Гичевски.

Претседателот на Републичкото здружение на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија, Евгенија Николовска рече дека книгите се издадени во 400 примероци и се дел од едицијата книги по повод 70-годишнината од егзодусот на Македонците од Егејскиот дел на Македониј 1948 – 2018 година. Посочи дека одбележувањето на петтата светска средба на децата бегалци ќе се одржи од 19 до 21 јули во Скопје.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *