Сервер: Името мора се реши и Македонија да стане дел од ЕУ и НАТО

Триаголникот од кој зависи напредокот на Балканот се САД, ЕУ и вие. Кога овие три страни се хармонизирани ништо не може да ги спречи. Кога се надвор од рамнотежа сите прашања дури и оние кои може да влијаат на мирот и стабилноста се под опасност.

Ова го истакна експертот за Балканот и професор на Унивезритетот „Џон Хопкинс“ од Вашингтон на денешната собраниска Комисија за европски прашања коментирајќи го Извештајот за напредокот на Македонија што го објави Европската комисија.

Тој истакна дека Европската унија помина тешки 10 години, а промени се случија и во администрацијата на САД. Но, и покрај сите тие промени и несигурности, САД и ЕУ и нивната политика кон Балканот останаа исти, а тоа е, додаде, сите земји од Балканот кои сакаат да бидат дел од ЕУ да станат нејзини членки.

– Тоа е најдобрата сигурност која ја имаме за постојан мир и сигурност. Иако имавте сомнежи за Европа  и Европа имаше сомнежи за вас, но економијата на Европа полека се опорави и стана многу повнимателна на проблемите кои ги создаде Путин од инвазијата на Украина, обидот за државен удар во Црна Гора во 2016 година и обидот за убиство на поранешниот руски агент Скрипал оваа година. ЕУ вознемирена од ситуацијата со Русија во февруари го отвори прозорецот за политички преговори. Оние кои ќе се квалификуваат од Балканот до 2025 година, може да се надеваат дека ќе станат членки две години подоцна. Колку неверојатна можност претставува ова? Ќе биде тешко да се влезе во ЕУ зашто ништо не е гарантирано, но тоа е и неверојатна можност за вашата земја да стапи на патеката за членство во ЕУ и во НАТО, рече Сервер.

Тој се осврна на сите реформи кои престојат пред Македонија, а кои се наведени, како што кажа, и во самиот Извештај на Европската комисија укажувајќи на потребата од деполитизицајата на судството и администрацијата, борбата против организираниот криминал и корупцијата итн.

Сервер го поздрави и враќањето на опозицијата во Парламентот. Се осврна и на спорот за името со јасна порака дека тоа мора да се реши како еден од предусловите за членство на земјата во ЕУ и НАТО.

– Дури и ако ги направите сите нешта кои ги бара ЕУ, дали Атина се уште ќе биде проблем. Краткиот одговор е да, но имате избор. Постојат две насоки – надолна спирала на очај и според мене тоа е тажно сценарио и другата насока која ја одбравте пред една година е да се издигнете, односно таа е спиралата која ги прифаќа условите на НАТО и ЕУ и ја одржува државата на ова ниво, а кое со тек на време ќе го издигнува, а тоа е она што јас би го избрал, рече Сервер.

На седницата свои обраќања имаа и премиерот Зоран Заев, евроамбасадорот Самуел Жбогар, како и претставниците на политичките парти застапени во Парламентот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *