Промена на размислувањето при работното ангажирање на лицата со попреченост од тоа што лицето не може кон тоа што може да придонесе во работата, е главниот предуслов за нивна поголема вработливост и вклучување на пазарот на труд, беше посочено на денешната завршна конференција за проектот за пристап кон правата на работа на лицата со хендикеп.
– Се надевам дека дадовме насока како да се смени размислувањето при работно ангажирање на овие лица. Најчесто се меша здравствената способност или состојба со работната способност. Многу често при проценките колку тоа лице може да придонесе при работа се размислува од аспект на тоа што лицето не може наместо што лицето може да придонесе, рече претседателот на Полио Плус Движење против хендикеп Звонко Шаврески.
Вели дека треба промена и осовременување на системот на проценка на работната способност и лицата кои ќе бидат работно ангажирани да дадат поголем придонес на работното место.
– Како пример можам да го посочам Стивен Хокинг . Тој е 100 проценти здравствено неспособен, а 200 посто работно способен и попатно и гениј, рече Шаврески.
Директорката на Агенцијата за вработување на Република Македонија Билјана Јовановска истакна дека оваа институција во соработка со Министерството за труд и социјална политика и натаму ќе дава поддршка за лицата со попреченост. Заедно ќе работиме, рече таа, на креирање активни мерки и политики за вработување за намалување на бројот на невработени на оваа категорија граѓани и зголемување на нивната вработливост.
Информира дека во моментов во АВРМ се реализираат мерки за самовработување на лица со инвалидност со која се доделуваат грантови неповратни средства за набавка на опрема и репроматеријали, како и поддршка со субвенционирање на оваа ранлива категорија на граѓани. Во моментов преки АВРМ се субвенционирани 223 вработувања на лица со попреченост