Поранешниот фудбалер на Барселона и Милан, бразилецот Роналдињо, најави дека следната година заминува во фудбалска пензија. Сеуште не се знае дали кариерата ќе ја заврши официјално или тоа ќе го направи збогувајќи се со професионалниот фудбал и продолжувајќи во некој клуб од понизок ранг, но факт е дека нема веќе да го гледаме во дресот на некој атрактивен светски клуб.
– Кариерата најверојатно ќе ја завршан следната година. Сеуште размислувам како да го одбележам тој момент. Понатаму ќе се занимавам или со водење на некоја приватна школа, или пак ќе запловам во музички води – изјави Роналдињо.
Последниот клуб во кој настапуваше Роналдињо беше Флуминенсе, но таму се задржа само три месеци. Сега е амбасадор на Барселона, а истовремено игра и егзибициски натпревари. Инаку бразилецот во два наврата 2004 и 2005 година беше прогласуван за најдобар фудбалер на светот.