ЦРКОВНО –  НАЦИОНАЛНИТЕ АКТИВНОСТИТЕ  НА МИТРОПОЛИТОТ ГОСПОДИН КИРИЛ (3)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „МИТРОПОЛИТОТ КИРИЛ“ НА СЛАВЕ КАТИН

Меѓу другото, во монографијата се даваат податоци за животот и делото на митрополитот господин Кирил. Така, е забележано дека на 5 јули 1967 година Светиот архијерејски синод на МПЦ го избрал Кирила за викарен еоископ со титула Тивериополски. Од тој ден г. Кирил станува најмладиот член на САС. По унапредувањето во чин архимандрит, на 11 јули истата година, во предвечерието на празникот посветен во чест и слава на првоврховните апостолиц Свети Петар и Свети Павле, е извршено наречението во епископски чин, а утредента, на самиот ден Петровден, ќе биде хоротонисан за викарен епископ Тивериополски.

Како член на Синодот веднаш се вклучува во довршувањето на обемниот елаборате за возобновување на автокефалноста на Охридската архиепископија.

Пет дена подоцна (на 17 јули 1967 година) Светиот архијерејски синод на МПЦ ќе одржИ седница во црквата “Света Богородица Перивлепта” во Охрид, на која ќе биде донесена историската Одлука за целосно возобновување на автокефалноста на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква. 

По потпишувањето од страна на сите членови на Синодот: архиепископот г.г. Доситеј и митрополитите г. Климент, г. Наум, г. Методиј и г. Кирил, Одлуката истиот ден беше презентирана пред членовите на Третиот црковно-народен собор, што се одржа во Катедралниот храм на охридските архиепископи “Света Софија”.

На овој собор г. Кирил е избран за прв надлежен архијереј на штотуку востановената Американско-канадско-австралиска македонска православна епархија, со која ќе раководи повеќе од две децении. Целиот свој живот ќе го посвети на духовно-црковното и националното обединување на македонскиот народ.

Зема учество во повеќе делегации на МПЦ за запознавање на сестринските цркви со возобновата на автокефалноста на Црквата на македонскиот народ, преку презентација на опширниот елаборате. Истовремено ја извршувал и функцијата претседател на Комисијата за враќање на тогашните македонски богослови од од богословиите на СПЦ.

 Во 1968 година, како надлежен архијереј на АКАМПЕ, ја реализира првата визитација на северноамериканскиот цонтинент. За време на едномесечниот престој во САД и Канада ќе го освети третиот македонски православен храм на американските простори, црквата “Свети Ѓорѓи” во градот Сиракуза-Њујорк, а ќе посети и други градови во кои го отвори процесот за формирање македонски православни црковни општини и за изградба на нови цркви под јурисдикција на Светиклиментовата МПЦ. 

Во нив митрополитот г. Кирил во наредните повеќе од две децении ќе одигра видна улога, оттргнувајќи повеќе илјади Македонци од српски, грчки и бугарски цркви за да се црквуваат во македонските православни храмови. На тој начин беше спречена натамошната денационализација на македонскиот народ на тие простори.

Света Софија во Охрид

 По враќањето од САД врши интензивни подготовки за реализација на првата посета на Македонците во Австралија. Притоа со одбран тим на свои најблиски соработници ги изработува клучните документи: првата епархиска Конституција со експозе и новите правилници за македонските црковни општини, усогласени со светите канони и новиот Устав на МПЦ. Според нив ќе бидат формирани и ќе работат новосоздадените парохии на МПЦ со новите цркви. 

Всушност, првата канонска визитација на Австралија ќе ја изврши на почетокот од 1969

година заедно со митрополитот дебарско-кичевски г. Методиј. По враќањето од петтиот континент врши обемни подготовки за посета на Канада И САД. Во канадската метропола Торонто, каде Македонската етничка заедница е најбројна, ќе биде неговото седиште и тука презема темелни потфати за формирање на првите органи и тела на епархијата.

 На 10 август 1969 година во катедралниот храм “Свети Климент Охридски Чудотворец” во Торонто, со величествени свечености, ќе биде извршено неговото востоличување во епископскиот Светиклиментов трон на Американско-канадско-австралиската македонска православна епархија. Чиноначалствуваше Неговото високопреосвештенство, митрополитот дебарско-кичевски г. Методиј.

Во 1971 година, кога во МПЦ ќе биде востановена Полошко-кумановската епархија, митрополитот г. Кирил ќе биде одбран за нејзин прв администратор со сите права и надлежности кои произлегуваат од Уставот на МПЦ. Неговото архипастирствување со оваа епархија ќе биде крунисано со најголем успех преку возвеличаемото потврдување на Шар Планина во македонски православен Сион преку изградбата на манастирскиот комплекс посветен на Свети Наум Охридски Чудотворец. Ова македонско православно светилиште се вишнее на 2000 метри надморска височина и тоа на вакавското место Попова Шапка.

Под неговото мудро архипастирско раководење, во двете епархии се изградени, реновирани и преуредени преку стотина храмови на МПЦ. Меѓутоа, духовно-црковните и националните постигнувања, особено на планот на обединувањето на Македонците во целиот свет, односно од сите делови на Македонија, имаат непроценливо значење.

Тие резултати ќе придонесат во 1972 година митрополитот г. Кирил да биде поставен за претседател на Одборот за изградба на Соборниот архиепископски храм “Свети Климент Охридски” во Скопје, потоа за претседател на Одборот за извршување на првото мироварение по возобновувањето на автокефалноста на нашата света Црква, а од 1996 година станува претседател на Хуманитарната организација “Милосрдие” при МПЦ, која досега има обезбедено храна, лекови, медицински помагала, разни апарати и друго во вредност од десетина милиони евра. 

Помошта се распределува на најбедните, гладните, изнемоштените, на здравствени домови, на селски и други помали амбуланти и асоцијации во Република Македонија на кои им е најпотребна. Во “Милосрдие” најголемиот хуманитарен дострел го достигна во војната во Република Македонија 2001-2002 година, кога помошта за загрозеното население значеше да се опстои во живот.

 Извонредните резултати ќе го поттикнат третиот поглавар на автокефалната Македонска православна црква, Неговото блаженство архиепископот охридски и македонски господин господин Гаврил, во една пригода да изјави дека …она што го работи владиката Кирил е света работа. Тоа ќе го потврди и четвртиот поглавар на МПЦ, Неговото блаженство архиепископот господин господин Михаил.

 Иако не ги очекувал, сепак, доделените награди и признанија на митрополитот г. Кирил се многубројни. Доделени му се: Златна плакета од Матицата на иселениците од Македонија, како и Орден заслуги за народ со сребрени зраци (25 мај 1984 година со Указ број 43 на тогашното Претседателство на СФРЈ, за неговите извонредни активности меѓу македонското иселеништво). Доби и Благодарница од еден од најстарите македонски фолклорни ансамбли “Гоце Делчев” од Скопје, потоа највисоките признанија од општините: Кратово, Крива Паланка, Куманово и други. 

Голем е бројот на специјалните плакети добиени од Македонската православна епархија за САД, Канада и Австралија, односно од македонските православни црковни општини во прекуокеанските земји, кои му беа врачувани на најголемите свечености по разни поводи, јубилејни одбележувања, како и при крупни остварувања во нашите црковни општини.

 Екуменизмот во благородното Кирилово срце ќе биде почувствуван дури и во Ватикан. При секој негов престој во Светата Столица, од 1968 година до денес, тој бил удостоен со високи почести и пиетет.

 Како најстар архијереј по хиротонија и архипастир со 40-годишно искуство и со значаен историски изминат пат во поновата историја на нашата света Црква, тој достојно е респектиран од македонскиот народ и Македонската православна црква како голем борец и пободник за запазување на честа, достоинството и автокефалниот статус на нашата света Црква. Тоа особено се потврдува на просторите од Полошко-кумановската епархија, која митрополитот г. Кирил ја возглавува како нејзин надлежен архијереј.

Продолжува да го носи Светиот Крст врз своите плеќи и гордо и достоинстврно ја изодува македонската Голгота, исполнувајќи секој свој чекор со молитви кон Бога за спасение на родната и мила Македонија, на благородниот македонски народ и на нашата Светиклиментова Македонска православна црква.

Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *