Претседателот на државата треба да биде сврзно ткиво на различните политички и етнички наративи. Неговата улога е татко на нацијата и треба да е креатор и постојано да повикува на постигнување на државен консензус – државен политички консензус, меѓутоа и државен економски консензус. Пред се, консензус за забрзано членство во Европската Унија, истакнува во интервју за МИА претседателскиот кандидат на ДУИ и министер за надворешни работи Бујар Османи.
Тој наведува дека меѓу столбовите на неговата изборна програма ќе биде Европската Унија до 2030 година, ќе понуди повеќе интеграција пред членство во Унијата, а во интервјуто за МИА најави и иницирање на економски рамковен договор. Нагласува и дека се созреани условите граѓаните да гласаат за компетентноста, а не за етничка припадност и очекува поддршка од граѓаните од сите етнички заедници. Оценува дека постојат сериозни шанси граѓаните овој пат да ги надминат етничките линии и да се одлучат за кандидат којшто може да обезбеди прогрес на државата.
-Во мисијата и визијата на претседателот на државата според мојата перспектива е претседателот прво да биде компас на геостратешката ориентација на државата. Тоа е многу важно прашање посебно во услови на надворешни малигни влијанија. Второ, претседателот треба да биде сврзно ткиво на различните етнички и политички наративи. Северна Македонија е една од најуспешните функционални мултиетнички демократии не само во регионот, туку и пошироко. Столбот на стабилноста, на прогресот на оваа држава е меѓуетничката хармонија, функционалната мултиетничка демократија. Јас сметам дека претседателот на државата ја има таа улога да биде сврзно ткиво, да биде лепак на тие различни наративи коишто често може да бидат и контрадикторни. Меѓутоа, улогата на претседателот е од различностите да создаде предност, а тие различности дополнително да се поттикнуваат. наведува Османи.
Тој наведе дека освен тоа што ќе се залага за членство до 2030, ќе го предложи и концептот повеќе интеграција пред членство, со цел, како што посочува, граѓаните да ги почувствуваат бенефитите од преговорите со Европската Унија уште пред самото членство – пристап до фондовите, пристап до пазарот и пристап до политичките тела на Европската Унија.
-Потоа, предлагам економски рамковен договор како што постигнавме државен консензус по однос на Охридскиот рамковен договор – сите партии од целиот политички спектрум, ако треба и меѓународна помош. Меѓутоа, постигнавме одредени цели дека меѓуетничките односи ќе се развиваат во одреден правец и колку и да има незадоволство во моментот тоа е само перцепција, меѓутоа од перспектива на стратешкиот развој на државата мислам дека државата се стабилизираше и имаме меѓуетничка хармонија, функционална мултиетничка демократија за која што треба да се гордееме. Мислам дека сега е време да се концентрираме на економски рамковен договор, посочи Османи.
Вели дека главна причина зошто се кандидирал за претседател било тоа што бил во сржта на најважните процеси на државата, од вицепремиер за европски прашања, министер за надворешни работи, во процесите за Преспанскиот договор, преговорите со Бугарија, како и преговорите со француското претседателство во однос на Преговарачката рамка и почетокот на преговорите по 17 години чекање.
-Сега како влегуваме во еден многу важен историски моментум сметам дека од позицијата претседател на државата може да се заокружи тој процес на европска интеграција која што е најважниот приоритет на граѓаните веќе 30 години бидејќи е без алтернативен процес по однос на стандардот на живот, во однос на задржувањето на младите овде, по однос на зголемување на квалитетот на живот на секој граѓанин. И често велам и без лажна скромност јас сум работник, имам домашно искуство, меѓународно искуство, ја водев најголемата меѓународна безбедносна организација во светот ОБСЕ и тие контакти коишто ги стекнав во текот на мојот мандат и како претседавач на ОБСЕ и како министер за надворешни работи во Европа, во светот, сметам дека ќе бидат од голема помош за државата и преку позицијата претседател да може да се претстави државата надвор, меѓутоа и да се исползат тие контакти со цел да си ги постигнеме нашите надворешно-политички цели, вели Османи за МИА.
За Османи, членството во ЕУ нема алтернатива, посочувајќи дека никој не успеал без Европската Унија од помалите држави во источниот блок.
– Сите политички партии од двете страни на спектарот треба да постигнеме државен консензус дека ќе се натпреваруваме се разбира кој ќе понуди подобро решение за здравството, кој ќе понуди подобро решение за образованието. Меѓутоа, по однос на главните прашања членство во Европската Унија до 2030 година мора да си дадеме рака, мора да постигнеме натпартиски консензус. Тоа го направи Хрватска. Значи, премиерот и опозицијата во тоа време си подадоа рака пред јавноста и рекоа ќе се натпреваруваме за сите други прашања, но не по однос на прашањата на Европската Унија. На тоа се повикувам веќе неколку години како министер за надворешни работи. Мислам дека како претседател на државата тоа би ми бил прв приоритет постигнување на државен консензус по однос на ЕУ 2030, но и по однос на стратешките економски правци. Тоа е еден предлог којшто сме го разговарале со стопанските комори и тие се согласуваат дека политичките прашања, етничките прашања се’ повеќе влегуваат во некакви си шини и добиваат правец. Сега е време да постигнеме државен консензус по однос на економските прашања и развојот на државата и тоа ми било приоритет на постигнување на тој економски рамковен договор, вели Османи.
Тој најави и дека како претседател на државата ќе иницира и формирање на меѓународен борд составен од НАТО, Европска унија и САД којшто би ги сертифицирале сите носители на јавни функции – од политичкиот живот, институционалниот, правосудниот систем и тоа по однос на два правца.
-Првиот, дали имаат каква било конекција со рускиот интерес. Сметам дека е многу важно да поставиме ѕид на рускиот интерес во државата бидејќи ние историски сме виделе штета и македонскиот народ, и албанскиот народ и сите виделе штета од рускиот интерес и мора да изградиме ѕид на рускиот интерес. Значи, верификација дека ниеден носител на јавни функции не може да претставува руски интерес во оваа држава и второ, дали се инволвирани во какви било коруптивни дејанија. И предлогот ми е да никој не може да биде, да стане носител на јавна функција министер, директор, судија, обвинител без да го добие тој сертификат, нагласува Османи.
Тој го појасни предлогот претседателот на државата да се избира во Собрание, а не на избори.
На прашањето дали смета дека тоа би било вовед во нова политичка криза или со тоа повеќе би се ослабнала демократијата, вели дека со тоа би се добило претседател којшто ќе биде резултат на политички и етнички консензус.
-Директните избори не се компатибилни со мултиетничките држави и општества. Основниот принцип на Рамковниот договор беше да се спречи принципот на мајоризација и нагласување на другите и да создаде механизми во коишто сите во еден инклузивен процес сите ќе се вклучуваат. И затоа сметаме дека во еден таков процес на избор на претседател во Собранието прво ќе добиеме претседател којшто ќе биде продукт, односно резултат на еден политички и етнички консензус. Ние досега имаме претседатели коишто се извор на поларизација и на ескалација на општеството, вели Османи.
Смета дека со ова би се надминала таа поларизација, бидејќи, како што вели, во таа одлука би се вклучиле и македонската позиција и македонската опозиција.
-Значи, и тој интрамакедонски конфликт којшто често произлегува од изборот на претседател – знаете, Црвенковски постојано беше именуван како господине Црвенковски од опозицијата, Трајковски исто така, Иванов исто така. И наместо претседателот да ја има таа улога на кохезивно ткиво, на навигатор беше дополнителен извор на поларизација. И сметам дека доколку во таков политички консензус, но и етнички консензус преку Бадентерово мнозинство ние би избрале претседател којшто ќе ја има волјата на целиот политички и етнички спектрум и утре ќе има авторитет да може да ги свика за да го постигне државниот консензус. Бидејќи сметам дека најголемата причина зошто Северна Македонија не се развива толку брзо е заради континуираните перманентни политички кризи, некогаш и етнички кризи затоа што ние не создадовме механизам за постигнување на државен консензус за деескалација и деполаризација и сметам дека доколку тоа го направиме да имаме претседател којшто ќе ја има волјата и авторитетот кон целиот политички и етнички спектрум ќе имаме конечно еден таков механизам на постигнување на државен консензус, вели Османи.
Посочува дека од останатите кандидати се разликува по компетентноста бидејќи, како што вели, е единствениот од кандидатите којшто има меѓународно искуство, меѓу кое и претседавач со најголемата регионална безбедносна организација во светот – ОБСЕ во тежок геополитички период.
Османи нагласува дека се созреани условите граѓаните да гласаат за компетентноста, а не за етничката припадност.
-Јас сум хирург. Не ми се случило некој што барал од мене помош во хирургијата да ме праша која е мојата етничка припадност, туку дали можам да го сработам добро тоа што им треба на нив, на граѓаните. Така што независно дали биле Македонци, Турци, Бошњаци никогаш не прашувале што сум јас, туку дали сум добар хирург. Мислам дека и тоа треба да го поставуваат граѓаните. Не дали Османи е Албанец или е Турчин, дали Османи покажал досега дека може да се справи со тешки предизвици, дали може да ги тера процесите напред, дали успеал да постигне авторитет во меѓународната заедница кај носителите, кај тие што ги носат големите одлуки во Европа и во светот и мислам дека тоа треба да се прашуваат исто кога се грижат за своето здравје треба да се грижат за здравјето на државата и институциите. И треба да се фокусираат на компетентност. И сакам во оваа трка, во овој натпревар помеѓу кандидатите да биде натпревар по однос на компетентност, натпревар по однос на меѓународен авторитет, натпревар по однос на комуникации со светот бидејќи тоа се надлежностите на претседателот – да ја претстави државата надвор, да има улога во безбедноста се разбира како и во Армијата. Сметам дека во тој дел очекувам дека граѓаните ќе се фокусираат на искуство, на чесност, на посветеност и на меѓународен кредибилитет, посочи Османи.
Тој оценува дека има реални шанси да влезе во вториот круг и очекува поддршка од сите етнички заедници, бидејќи, како што кажа, уверен е дека е дојдено време граѓаните да даваат доверба по однос на способност, искуство, посветеност и чесноста, а не само по однос на партиските или етничките директиви.
На прашањето дали е точно дека меѓународни фактори му сугерирале по завршување на мандатот како шеф на дипломатијата да се кандидираат за генерален секретар на НАТО и дали се гледа себе си на друга меѓународна функција во иднина, вели дека сега е фокусиран на претседателските избори.
– Мислам дека постојат сериозни шанси граѓаните овој пат да ги надминат етничките линии и да се одлучат за кандидат којшто може да обезбеди прогрес на државата. Точно дека имам препораки за неколку меѓународни организации водејќи се по искуството што го стекнав со раководење на ОБСЕ, успесите коишто ги постигнавме, меѓутоа се разбира и мојата работа како министер за надворешни работи претходно. Меѓутоа, сега сум фокусиран на претседателските избори, на претседателскиот мандат, а потоа ќе видиме што ќе биде, подвлече Османи.
Османи најави и одржување на Преспа форумот, на 13 и 14 јуни годинава.
-Дали ќе бидам јас во Министерството за надворешни работи или тогаш ќе бидам избран претседател не можам да кажам, но подготовките се прават за да се одржи четвртата едиција на Преспа форум дијалог бидејќи тоа е едно од наследствата на мојот мандат и Министерството за надворешни работи успеавме да изградиме сериозна регионална платформа за дијалог која што обезбеди сериозен имиџ пред светот, но утредента после Преспа форум се одржува и Министерскиот состанок на Процесот за соработка на Југоисточна Европа каде се 13 држави во Југоисточна Европа и ги очекувам министрите за надворешни работи да бидат, рече Османи во интервјуто за МИА, најавувајќи звучни имиња од Европа и од САД.
wk3xxc